Шведската делегација која дојде за поддршка, го заврши својот престој во Кочани

Шведската делегација којашто престојуваше во Кочани со цел да придонесе за зајакнување на заедницата и градење модели на отпорност, солидарност и психосоцијално заздравување по трагичниот настан во Кочани, го заврши својот тридневен престој во Кочани.

Седумчлениот тим од Шведска, составен од преживеаните во пожарот во 1998 година во дискотека во Гетеборг – Нима Параш Лама и Розбех Асланијан, пожарникарите Пер-Андерс и Бенгт Холм, социјалните работнички Елеонор Артфорс и Хели Кунас и координаторот на Центарот за поддршка Ларс Лилед реализираа средби со родители на загинатите деца во „Пулс“, повредени младинци, професионалци и граѓани што се соочуваат со последиците од кочанската трагедија.

„Драгоцено е да дојде некој од толку далеку за да помогне. Ова е најубавиот настан за мене во последниве три месеци во Кочани. Во вас видовме помош и надеж, бидејќи сѐ уште сме дезориентирани по трагедијата. Почувствував искрена енергија од вас, тоа ќе ме мотивира во наредниот период за да можеме работите да ги смениме коренито и да се справиме со аномалиите во системот,“ рече в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.

Лина Ќостарова-Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ истакна дека од гостите од Гетеборг виделе отвореност, прецизност, топлина, разбирање, стабилност.

„Желба да се воспостави мир, безбедност, чувство на комфор во една заедница што е разнишана. Тие упатија на вредности што мора да ги почитуваме: поврзаност, интегритет на постапките, да настапуваме со респект кон другиот и со уважување на сите околности во кои тој мора да живее,“ истакна таа.

Програмата за поддршка на настраданите во пожарот во „Пулс“ беше иницирана и поддржана од Амбасадата на Кралството Шведска и „Europe House“, а ја спроведоа Центарот за психосоцијална и кризна акција „Малинска“ со поддршка од Општина Кочани и „Сапорт“ – Кочани.

Фото/Општина Кочани

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести