Скршено стаклото на вратата на бугарската Амбасада во Скопје

Вчера било скршено стаклото на вратата на бугарската Амбасада во Скопје.

Случајот е пријавен во македонското Министерство за внатрешни работи (МВР), а истиот таму го пријавил офицерот за безбедност на Амбасадата. Тој преку системот за видео надзор го забележал оштетувањето.

Лицетото кое го скршило стаклото засега е непознато, а како што велат од МВР, тоа со рака го оштетило стаклото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Објавена снимка како е скршено стаклото на бугарската амбасада во Скопје

Од таму велат и дека биле преземени соодветни полициски мерки и дека надлежните служби работеле на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.

За инцидентот реагираше бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), кое остро го осуди чинот.

Од таму велат дека инцидентот бил неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Според бугарското МНР инцидентот бил резултат на систематскиот недостаток на реакција од страна на надлежните институции на Македонија на “претходните напади и акти на вандализам врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“.

-Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнат говор на омраза против Бугарија и Бугарите кај нашиот сосед, создаде средина во која ваквите кривични дела се охрабруваат и ескалираат, велат од таму.

Во реакцијата се посочува дека Бугарија очекува надлежните македонски власти да го идентификуваат сторителот и да го изведата пред лицето на правдата, како и да ја гарантираат безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и нивниот имот.

-Република Бугарија очекува институциите во Република Северна Македонија јасно и недвосмислено да се дистанцираат од говорот на омраза, ефикасно да се спротивстават на ваквите злосторства, целно да работат на создавање фундаментално поинаков јавен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги исполнат своите меѓународни обврски, велат од таму, посочувајќи дека внимателно ќе го следат развојот на случајот и дека државата го “задржува правото да преземе дополнителни мерки за заштита на бугарските интереси“.

Реагираше и македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, кое го осуди инцидентот.

Фото: бугарска Амбасада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести