Преку системот за рана детекција на шумски пожари со смарт-камери, инсталиран во Центарот за управување со кризи, навреме е детектиран пожар во атарот на село Никуштак, Општина Липково, информираат од таму.
„По детектирањето на пожарот, веднаш се известени Територијалната противпожарна единица Куманово и Подружницата на Национални шуми – Куманово, со цел преземање соодветни мерки и интервенција на терен.
Системот за рана детекција овозможува операторите во Секторот за операции и координација при ЦУК да ја контролираат и насочуваат камерата, со што состојбата со пожарот може континуирано да се следи визуелно во реално време.
На овој начин, паралелно со следењето на пожарот, се овозможува и навремена координација и насочување на расположливите ресурси на терен, како и определување на правецот на дејствување на пожарот, сè до неговото локализирање и целосно гаснење,“ велат од ЦУК.















