Пожарите на отворено претставуваат значаен ризик за јавното здравје, информираат од Инститот за јавно здравје.
Покрај директните последици од огнот, изложеноста на чад може да влијае врз здравјето и на населението кое живее далеку од опожарените подрачја, бидејќи загадувачките материи можат да се пренесуваат на големи растојанија.
Чадот од пожарите на отворено е сложена мешавина од суспендирани честички (PM₁₀ и PM₂.₅) и различни гасовити и хемиски загадувачки материи, меѓу кои јаглерод моноксид, азотни оксиди, испарливи органски соединенија и полициклични ароматични јаглеводороди.
Од особено јавно-здравствено значење се ситните суспендирани честички (PM₂.₅), кои можат да навлезат длабоко во белите дробови и се поврзани со воспалителен одговор и оксидативен стрес на различни органски системи.
Здравствени последици
Респираторен систем
Изложеноста на чад може да предизвика иритација на дишните патишта, кашлица, свирење во градите, отежнато дишење и намалување на белодробната функција. Кај лицата со астма, хронична опструктивна белодробна болест и други респираторни заболувања може да дојде до влошување на основната болест.
Кардиоваскуларен систем
Изложеноста на фините честички е поврзана со воспалителни и васкуларни промени и може да придонесе за влошување на постојните кардиоваскуларни заболувања и зголемен ризик од акутни кардиоваскуларни настани.
Нервен систем и ментално здравје
Загадувањето на воздухот предизвикано од пожарите на отворено се поврзува со воспалителни и оксидативни процеси кои можат да влијаат врз нервниот систем, иако долгорочните невролошки ефекти сè уште се истражуваат. Истовремено, непосредната опасност, евакуацијата, загубата на домот и нарушувањето на секојдневниот живот можат да придонесат за анксиозност, депресивни симптоми и посттрауматски стрес.
Бременост и развој на плодот
Изложеноста на загаден воздух од пожари на отворено во текот на бременоста се поврзува со зголемен ризик од неповолни исходи, особено предвремено породување и ниска родилна тежина. Плодот е особено чувствителен на ефектите од загадувањето поради развојот на органите и органските системи.
Имунолошки систем
Компонентите на чадот можат да предизвикаат воспалителен и оксидативен одговор и да влијаат врз функцијата на имунолошкиот систем. Степенот на овие ефекти зависи од интензитетот и времетраењето на изложеноста.
Кожа и очи
Чадот и пепелта можат да предизвикаат иритација на очите и кожата, црвенило и непријатност, додека непосредната изложеност на пожар носи и ризик од изгореници.
Групи со зголемен здравствен ризик
Особено чувствителни се доенчињата и децата, бремените жени, старите лица, лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања и други хронични состојби. Поголема изложеност имаат и лицата кои работат на отворено, пожарникарите и припадниците на службите за итни интервенции.
Мерки за намалување на изложеноста на чад
Следете ги официјалните информации за пожарите, квалитетот на воздухот и препораките на надлежните институции. Доколку е препорачана евакуација, следете ги дадените инструкции.
Ограничете го престојот на отворено кога воздухот е загаден со чад. Намалете ја физичката активност и избегнувајте интензивен физички напор, со што се намалува количината на вдишан загаден воздух.
Останете во затворен простор со што е можно почист воздух. Држете ги прозорците и вратите затворени додека надворешниот воздух е загаден со чад.
Намалете го навлегувањето на надворешен воздух. Доколку користите систем за климатизација, поставете го на режим на рециркулација и, кога е возможно, исклучете го доводот на надворешен воздух.
Подобрете го квалитетот на воздухот во затворените простории. Доколку имате можност, користете пренослив прочистувач на воздух со HEPA-филтер или соодветен високоефикасен филтер во системот за климатизација/вентилација. Посебно корисно е да се обезбеди една просторија во домот во која воздухот се одржува што е можно почист.
Не создавајте дополнително загадување во домот. Избегнувајте пушење, палење свеќи и темјан, употреба на печки и камини на дрва, прскање аеросоли, како и други активности што создаваат чад или честички. Ограничете го пржењето и печењето храна кога надворешниот воздух е силно загаден.
Проветрете кога квалитетот на надворешниот воздух ќе се подобри. При подолготрајни епизоди со чад, искористете ги периодите со подобар квалитет на воздухот за проветрување на просториите.
Во автомобил држете ги прозорците затворени и поставете ја климатизацијата/вентилацијата на режим на рециркулација. Избегнувајте непотребни патувања при густ чад и намалена видливост.
Доколку мора да престојувате на отворено, правилно поставен респиратор N95 или FFP2 може да ја намали изложеноста на фините честички. Тој не обезбедува заштита од сите гасовити компоненти на чадот.
Лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, да ја следат здравствената состојба и да имаат доволна количина од потребните лекови за периодот кога престојот надвор треба да биде ограничен.
Посветете дополнително внимание кога пожарите и чадот се појавуваат истовремено со високи температури. Затворањето на прозорците не смее да доведе до опасно прегревање на домот. Користете климатизација со рециркулација, а доколку не можете истовремено да обезбедите доволно чист и разладен воздух во домот, престојувајте во соодветен разладен простор со почист воздух.
Побарајте медицинска помош при изразено или прогресивно отежнато дишење, болка или стегање во градите, нарушување на свеста или значително влошување на постоечко респираторно или кардиоваскуларно заболување.
Фото: Игор Бансколиев














