Насилен упад во редакцијата на „Инфомакс“, ЗНМ со остра осуда

Синоќа се случил насилен напад во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, при што била загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.

Според информации од вработените од “Инфомакс“, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата.

Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото.

Според сведочењата нa вработените, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осуди бруталниот напад.

-Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите, а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.

Овој инцидент претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.

Бараме најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.

Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и Обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок.

ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Приведено лицето кое упадна во “Инфомакс“, претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци, велат од МВР

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести