еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Претседателката на Антикорупциска, Димитровска, одавала податоци кои се службена тајна на обвинет во случајот „Адитив“: Детали од Обвинителство

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Татјана Димитровска е осомничена за случајот „Адитив“, информираа од Основното јавно обвинителство (ОЈО).

Таа според ОЈО одавала податоци кои се службена тајна на обвинет во случајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали за акцијата „Адитив“: 23 лица проневериле 6,5 милиони евра

Со проширување на истрагата за случајот се опфатени уште две лица.

„До денес обезбедените докази укажуваат дека првоосомничениот бил член на групата што имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинетите правни лица им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело, со што им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договори за јавни набавки.

Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело

Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптег и ги подигнувал во готово.

Второосомничената во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот “Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.

Имено, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈО ГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето.

Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности.

Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот “Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.

Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот “Адитив“ и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство.

Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК.

Со опишаните дејствија во диспозитивот од Наредбата и до денес прибраните докази, на првоосомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело Злосторничко здружување, како помагач сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите две осомничени сториле кривично дело Одавање службена тајна.

Обвинителството од денес обезбедените докази во корелација со другите прибрани докази ја продолжува постапката во насока на утврдување и на евентуални други кривични дела и сторители“, информираа од ОЈО.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Која е Татјана Димитровска, претседателката на Антикорупциска, која е осомничена за „Адитив“ и остана без пасош

Претседателката на Антикорупциска, Димитровска остана без пасош, осомничена е за случајот „Адитив“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Со лична и колективна дискредитација не се доаѓа до запирање на штрајкот, вели Неделков

Редакција

Поради доцнење на државната помош, над 3.500 штипски текстилни работници од денеска на колективен одмор

Редакција

32-годишен маж почина по алергиска реакција од аналгетик, Таравари го разреши директорот на кумановската болница

Редакција