Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик.
Во тој контекст може да се споменат само два примера, едниот на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а другиот на Григор Прличев. Имајќи ја предвид скромната претходница, факт е дека излегувањето на македонски буквар насловен како АБЕЦЕДАР е историски чин за нас Македонците.
Овој АБЕЦЕДАР може да се исчита и како прв буквар и како прва книга за деца на македонски народен јазик, без притоа да се прави некоја јазична анализа.
Ова меѓу другото го истакна универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска на конференцијата „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“ во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во соработка со колеги, филолози од Грција што се посветени на изучување на македонскиот јазик, книжевност и култура.
Конференцијата следи по онаа за македонистика што минатата година, во декември се одржа на Универзитетот „Македонија“ во Солун.
Мојсова-Чепишевска којашто учествуваше и на двата настана, денес, за АБЕЦЕДАРОТ говореше како прв буквар и прва книга за деца на македонски народен јзик.
Имено, годинава, и тоа точно во мај, се навршуваат 100-те години од излегувањето на првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција под наслов АБЕЦЕДАР, подготвен од специјална комисија на тогашната грчка влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на „Друштвото на народите“ во Женева.
Овој буквар е отпечатен во Атина во мај 1925 на лерински (леринско-битолскиот) народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис. А само по дваесет години, исто така во мај (5, мај 1945) се усвојува македонската азбука со што се кодифицира македонскиот јазик.
Истата година, на 7. јуни излегува и првиот Правопис на македонскиот јазик.
Инаку, АБЕЦЕДАРОТ, како фототипно издание, годинава, секој може да го има во својот дом, како издание на „Матица македонска“.
„Затоа е навистина штета што воопшто овој прв македонски буквар не дојде до рацете на македонските деца од Грција кои ние во секојдневниот говор сѐ уште си ја викаме Егејска Македонија,“ поентираше Мојсова-Чепишевска.