еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Внимавајте кој ви вбризгува боткс и филери, и во какви услови – последиците се сериозни

Внимавајте кој Ви вбризгува ботокс и хијалуронски филери, и во какви услови се прави тоа, бидејќи последиците се сериозни, предупредуваат од Здружението за естетска медицина.

Жените и помладите девојки водени од желбата за изглед како нивните идоли на социјалните мрежи, со големи усни и јаболчници, не внимаваат кому ќе му ја доверат, навидум оваа лесна естетска рутина. Како последица на тоа се случува распаднати задник и нос, паднати очни капаци.

Аплицирањето на ботокс и филери се прави од нестручни лица и во несоодветни услови, пред се поради ниските цени. Се оди и до таму, што некој тоа го прави и сам дома, што никако не смее.

„Последиците се навистина сериозни, започнувајќи од ткивни инфекции, компликации на кожата, кои за жал може да доведат до сепса, понатаму запушување на крвни садови поради кои може да доведе до изумирање на дел од ткивото со трајни последици, повредување, системска реакција кон невротоксин од типот на бутолизам.

Дел од последиците за жал се иреверзибилни, како што е на пример слепило кое може да биде предизвикано како последица на запушување на крвен сад со хијалуронски филер. Така што, сите се сериозни, и дел од нив тешко иреверзибилни, особено ако не се препознаат на време,“ вели доктор Анџелка Илиева.

Стручното аплицирање, и во зависност од кој бренд на филер станува збор, се движи од 10.000 денари нагоре. Ботоксот е со трајност од 4 до 6 месеци, а филерите од една до две години.

Доктор Игор Пеев вели дека се почесто се случува злоупотреба на овие медицински помагала како што се хијалуронски филери и ботокс од страна на не медицински лица и оттука се поголем е бројот на компликации од истите. На Клиника за пластична и реконструктивна хирургија се поголем број на лица бараат помош во санирањето на последиците.

Како да се превенира?

Три стручни здруженија од оваа област и тоа: Здружение на дерматовенеролози на Мaкедонија, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружение за естетска медицина поднесоа измени на Законот за јавно здравје во делот на медицинските процедури поврзани со естетиката.

Со предложените измени, ќе се ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација, со што ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.

Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во сегментот на неговата застареност и недореченост, што во пракса дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица.

Како на пример во член 33 од Законот, под активности со кои се продира под кожа, под иста капа се ставаат тетоважите, пирсингот, акупунктурата и сл., заедно со инјектирање на филери, ласерски процедури, липосукција и други медицински интервенции.

„Естетската медицина е медицинска гранка која бара високо ниво на експертиза и стручност. Со предложените измени на Законот за јавно здравје, ќе се заштитат пациентите од несоодветно изведени интервенции и ќе се воспостават јасни правила за тоа кој може да извршува ваков вид медицински процедури.

Истовремено, со симпозиумот кој го организираме, создаваме можност за професионален развој и унапредување на оваа медицинска дисциплина“, изјави Пеев.

Здружението за естетска медицина ги повикува сите засегнати страни, медицински професионалци, институции и медиуми да дадат поддршка за оваа иницијатива со цел заштита на јавното здравје и унапредување на професионалните стандарди во естетската медицина.

Во насока на подигнување на свеста и стручната едукација, на 22. февруари 2025 година во Скопје ќе се одржи Шестиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество.

Овој настан ќе обедини врвни експерти од земјата и регионот, со цел размена на искуства и презентирање на најновите достигнувања во областа на естетската медицина.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Грешки во пресметките на пензиите и недостаток на пари за нивна исплата, констатира Државна ревизија

Редакција

(ВИДЕО) Кампања на брендот Parfois со жени кои со својата приказна се вистинска инспирација за останатите

Редакција

Медицински сестри од Инфективна поднеле отказ, Филипче ги убедува да останат

Редакција