еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Крива река загадена со олово, цијанид, азот и фосфор по хаварија во рудникот „Тораница“

Водата на Крива река во Крива Паланка по хаварија во рудникот „Тораница“ е опасно загадена, откако во неа истекле тешки метали и цијанид.

Денеска градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, откри дека во нејзините води има за десет пати поголема концентрација на олово и за стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор.

Испитувањето на водата го направила лабораторијата “Технолаб“ од Скопје.

Загадени се и водите на реките Тораница и на Пчиња.

Покрај тоа што оваа еколошка катастрофа преставува опасност за луѓето, загрозен е и животинскиот и растителниот свет во реките, како и почвата по текот на реките и на земјоделските насади и сточниот фонд кој се напојува од таа вода.

Се испитува и квалитетот на водата од бунарите, а се чекаат резултати од водата за пиење од градскиот водовод, која засега се смета дека е безбедна за пиење.

За ова загадување Општина Крива Паланка ќе бара кривична одговорност, а градоначалникот го повика јавниот обвинител итно да преземе мерки за санкционирање на сторителот.

Од Државниот инспекторат за животна средна пак по бурните реакции во јавноста на Фејсбук информираа дека по извршениот вонреден инспекциски надзор на 24.март, било утврдено дека од страна на Булмак 2016 ДООЕЛ Пробиштип – подружница рудникот „Тораница“, бил сторен прекршок од трета категорија.

-Имено, според известување од страна на Булмак, на 14.03.2025 година, во период од 06:30 до 07:00 часот се случи инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства, бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена.

Булмак извести дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата.

Со потпишување на записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина.

Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице, велат од таму.

Од Државниот инспекторат за животна средна, не споделија информација дали ја провериле водата во Крива Река.

Од фирмата велат дека заради дефект на водоводна цевка истекла јамска (подземна) вода во Крива Река и дека од истата истекла исклучиво атмосферска вода.

-Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од флотацијата на рудникот “Тораница“, велат од таму.

Фото: Државен инспекторат за животна средна

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Масовна подршка на социјалните мрежи, ќе успее ли бојкот на маркетите?

Редакција

Нови 766 случаи на Ковид-19 од 3.171 тестирања

Редакција

Дали некој му помогнал на Груби и дали е неговото бегство е организирано, истражува Обвинителството

Редакција