Гевгелија Мол ќе се отвори во 2025 година со најголемото Џамбо во Македонија, од 10.000 м2 на 4 нивоа, фришоп од 1.000 м2 и бројни познати брендови за сите генерации. Џамбо (Jumbo) во склоп на молот ќе биде распространето на 3.500 м2.
Од сопственичката структура најавуваат дека отворањето е проектирано да се реализира идното лето. Гевгелија Мол ќе биде лоциран во близина на Скај Хотел во Гевгелија во непосредна близина на граничниот премин Богородица на самиот автопат.
„Развојот на југот е неизоставен дел од економскиот раст во Македонија и секој модерен претприемач треба да е свесен за истото доколку цели кон успеси кои можат да се носат со модерното темпо на една нова бизнис приказна. Визијата за креирање нешто уникатно, големо и модерно и вон главниот град беше една од главните причини за создавањето на новата мол приказна во гевгелискиот регион насловена како Гевгелија Мол.
Нестрпливи сме за помалку од една година и на македонската јавност, како и на сите туристи во државата да го претставиме Гевгелија Мол, којшто ќе биде распространет на четири нивоа во склоп на 10.000 м2, во склоп на којшто ќе биде вклопен и фришоп од околу 1.000 м2. Оваа нова мол приказна само што започнува, а ветува многу и за посетителите како и за сите идни закупци во склоп на Гевгелија Мол,“ изјави Марјан Николовски, сопственик на Монополист Инвест од Гевгелија, која како компанија воедно е единствен самостоен инвеститор на овој проект.
Во Македонија град со најмногу молови е Скопје, но и останатите помали градови полека, или веќе со забрзано темпо, бележат развој во секторот, којшто придонесува и за подобрување на економскиот развој во соодветните реони, како и за продлабочена и проширена соработка во повеќе градови со бројни препознатливи светски, регионални и локални брендови од различни индустрии.