еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

„Една стогодишна тајна, убиството на Тодор Александров“- научен труд на Жежов за делото на оваа историска личност која ја следат контроверзии

Промоција на монографијата „Една стогодишна тајна, убиството на Тодор Александров“ на проф. д-р Никола Жежов се одржа во Музејот на македонската борба за државност и самостојност на 13. февруари.

Тиражот на монографијата, која излезе пред два месеци, е целосно распродаден, и се очекува второ издание од овој исклучителен научен труд, кој се создавал десет години.

„Идејата за една ваква тема кај мене се роди уште пред околу десетина години и тоа од причина што при научните истражувања наидов на многу документи кои се однесуваа на настаните поврзани со убиството на Тодор Александров.

Анализирајќи ги пронајдените документи и читајќи поголем број на објавени зборници, монографии, мемоари и периодика, дојдов до заклучок дека има многу недоречености, тајни и необјаснети моменти околу овој настан од пред 100 години, што дополнително ме поттикна да ги продлабочам научните истражувања.

За таа цел неколкупати истражував во архивите во Република Бугарија и успеав да соберам обемна, пред се до тогаш, необјавена архивска граѓа, од неколку архивски фондови кои се цитирани во монографијата. Целата научно истражувачка работа ја комплетирав со истражување и дополнителна анализа на веќе претходно собраната архивска граѓа од Државниот архив на Република Македонија и во поранешниот архив на Југославија во Белград, Република Србија.

Во една таква ситуација, активното пишување на оваа монографија го започнав пред околу три и пол години, со надеж дека ќе успеам да ја публикувам на 31. август 2024 година, точно на 100 годишнината од убиството на Тодор Александров. За жал од објективни причини го пробив рокот што си го зададов на самиот себе си, но задоволен сум што монографијата беше објавена некаде пред Нова година 2024 година,“ изјави Жежов на промоцијата.

Тој додаде дека „самото споменување на името на Тодор Александров, пред македонската јавност и читатели буди различни емоции: кај некого восхит и македонски патриотски чувства, кај некого омраза и симбол на непријателски пропаганди кон Македонија.“

„Како македонски историчар, при пишувањето на книгата се обидував да не бидам воден од моите лични емоции, туку да пишувам така како што говори архивската граѓа и историската документација, секако таа документација и извори до кои сум дошол при моите истражувања. Исто така немам намера да го рехабилитирам Тодор Александров, затоа што тоа е медицински термин.

Но, имав сериозна намера и се надевам дека успеав во тоа, да допринесам за објективно расветлување на убиството на Тодор Александров, а објаснувајќи ги можните нарачатели и извршители на трагичниот чин, да ја докажам важноста и статусот што тој го заземал во историската ВМРО во посочениот историски период.

Имајќи го предвид фактот дека неговото убиство било подготвувано неколку месеци пред 31 август 1924 година, македонската читателска јавност преку монографијата ќе може да се запознае со некои непобитни докази и тези кои се недвосмислени: прво, Тодор Александров бил највлијателната личност во историската ВМРО во периодот од 1918 до 1924 година, второ, Тодор Александров програмски и фактички ја продолжил револуционерната дејност на предилинденската ВМРО и се борел за создавање на автономна Македонија во нејзините природни, економски и географски граници, трето Тодор Александров бил голем прагматичар и четврто, Тодор Александров имал голем број на непријатели заради неговата популарност и авторитет кај поголем дел од македонскиот народ.

Во главната композиција на монографијата имам приложено огромен број на фусноти кои се извлечени од големиот број на цитирани документи, најголем дел необјавени и непознати за македонската јавност со кои ги поткрепувам и докажувам гореприложените тези,“ додаде Жежов.

Тој потенцираше дека со монографијата не претендира дека ги има затворено сите прашања поврзани со чинот на убиството на Александров и уверен е дека темата ќе биде предизвик и за следните генерации на македонски историчари кои ќе сакаат да ја истражуваат и пишуваат за истата.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика и да апелирам до македонската читателска јавност дека со монографијата немам намера да создавам поделби помеѓу Македонците – про Александров и против Александров.

Секој што внимателно ќе ја прочита книгата, објективно би требало да извлече заклучок дека поделбите помеѓу македонските револуционери во ВМРО, непријателствата, фракционерските борби и омразата не треба да се извлечат и да се пренесат во денешнината, напротив, монографијата треба да биде поука, да не се повторуваат грешките од македонското минато и да се тежнее кон единство на македонскиот народ.

Ви обрнувам внимание и дека во монографијата не ги идеализирам македонските револуционери кои покрај Александров се споменуваат на овие страници, ниту пак Александров.

Со тоа сакам да создадам една нова претстава на прототипот на македонскиот револуционер од ВМРО базирана на историски факти и да го претставам и него како лик со свои доблести, добри карактеристики, но и слабости и недостатоци својствени за природата на човечкиот лик.

Да, свесен сум дека македонската историографија сакаше да создаде идеализиран лик на македонски револуционер, безгрешен, на ниво на светец и маченик и тоа е разбирливо заради посегањата на балканските пропаганди кон македонскиот народ.

Лично сакам да се создаде една нова претстава за македонската историја, ослободена од предрасуди, да се прифатат нејзините личности, онакви какви што биле реално и да се врамат во историското време во кое живееле и дејствувале.

Секако, свесен сум дека книгата што ја презентирам пред Вас не е Библија, отворен сум за научна дискусија, подготвен сум за критики од моите колеги, аргументирани и академски, без меѓусебни навреди и омаловажувања. Да не дозволиме како македонски историчари, различните погледи и ставови кон македонското минато да не поделат помеѓу себе. Да ги почитуваме нашите различности и поинакви погледи кон македонската историја, затоа што сите нас не поврзува една идеја над идеите: Македонија! Во македонскиот Пантеон на револуционери има место за сите: и за Гоце, за Даме, Ѓорче, Пере, Јане, но и за Тодор, Христо и Борис,“ додаде Жежов.

Ликот и делото на Александров, „плаче“ за филм

Професорката Валентина Божиновска која беше модератор на промоцијата изјави дека монографијата е интересна и се чита во еден здив, и препорача да се снима филм бидејќи како што рече „овде лежи еден голем македонски филм со сета македонска историја внатре.“

„Секој од нас со нетрпение исчекуваше да излезе оваа бесценета монографија, оваа ретка книга, оваа ретка историја со многу нови аргументи, со многу нови историски факти. Едни Тодор Александров го нарекуваа генијалниот водач, други пак го нарекуваа најголемиот воин на Балканот, фанатичен патриот, најсилната појава на македонскит револуционерен дух. Други пак, од странските медиуми ќе кажеа последниот мохиканец на Балканот, Ронбин Худ на Балканот, големиот апостол, легенда на Внатрешната македонска револуционерна организација…

Имаа многумина мотив да го ликвидираат овој харизматичен водач на Внатрешната македонска револуционерна организација, тоа ќе го постави како прашање проф д-р Никола Жежов, во самиот вовед.

Неговата монографија како предмет на научен интерес главно ќе ги има, ќе ги содржи последните месеци од животот на Тодор Александров, всушност по потпишувањето на Мајскиот манифест до неговиот конечен крај. По 100 години од убиството на Тодор Александров се создадоа сосема други научни основи на историските претпоставки да ја напише проф Жежов оваа ретка монографија која целосно ќе ги обработи сите аспекти поврзани со убиството на Тодор,“ изјави меѓудругото Божиновска.

Директорката на НУ Музеј на македонската борба за самостојност Анче Илиевска изјави дека проф. д-р Никола Жежов припаѓа на онаа група на македонски историчари кои неуморно ја истражуваат и презентираат македонската историја обидувајќи се непристрасно и преку документи и факти да ги приближат и доловат пред читатаелот настаните и процесите преку кои се овозможува склопување на мозаикот наречен македонска и балканска историја, без притоа да се гледа црно бело на настаните од минатото, туку истите да се објаснат темелно, причинско-последично и секогаш земајќи ја предвид консталацијата на настаните и временскиот период за кој се однесуваат прикажаните факти.

„Само со еден таков темелен пристап во научно-истражувачката работа и со примена на современа методологија историската наука би придонела за осознавање на историската вистина, што е од клучно и суштинско значење за научната перспектива. Убедена сум дека ваквата неуморна научно-истражувачка работа ќе биде од голема полза за македонската историска наука, за историската фела и за идните генерации историчари, а пак на обичниот читател љубител на историјата ќе му се овозможи разјаснувања на настаните и процесите од минатото од кои треба да се учи за иднината,“ изјави Илиевска која ја потенцираше и огромната улога на Жежов како професор кој е и еден од креаторите и авторите на НУ Музеј на македонската борба за самостојност, кој за релативно краток временски период од своето постоење, прерасна во вистински храм и чувар на македонската историја.

Универзитетскиот професор Теон Џинго кој е и рецензент на монографијата изјави дека до неодамна, а и во некои сегашни сегменти на општеството ликот и делото за Тодор Александров се сметаше и се тврди дека е контроверзен, па оттука и неговото убиство, беше и е толкувано како контроверзно.

„И наместо тоа да биде поттик за креативен немир и продлабочени истражувања и создавања, тоа беше постојано ставано под тепих. Изгледа само тука, на ова македонско поднебје, контроверзното по автоматизам значи и упатство за неупотреба.

Анализирајќи ги процесите и личностите од минатото размислувајќи за она што било и она што е, надевајќи се на промена во она што ќе биде, многу веројатно за нашиот македонски код, постои нишка која не дозволува да бидеме обединети и скоро секогаш да не ја согледаме големината на нашите најсветли историски ликови во времето и просторот во кој дејствувале.

Насекаде околу нас се чувствува потребата да помине одреден временски период за да се промени времето и просторот на дејствување за да можеме ние Македонците да се соочиме со самите себе и да си признаеме дека оваа татковина родила големи, силни, способни за големи подвизи. Немерливо боли фактот што во историјата на овој народ не постои ниту една личност, ниту еден настан, процес или одлука за кои сме им оддале колективна достојна почит.

Се уште не можам да сфатам што ли треба да ни се случи за да разбереме дека македонските историски личности се апсолутно наши и кога ни припаѓаат нам тогаш мора да се потрудиме да им го овозможиме соодветното место во јавниот и научниот дискурс,“ изјави меѓудругото Џинго.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Жежов: Со златни букви, 23 октомври 1893 година

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Две куќи, стан, чамец, деловен простор: Каков имот пријавил Енвер Малиќи, кој стана почесен конзул на Мексико во Македонија

Редакција

Велешанец претепал сограѓанин, кој починал од здобиените повреди

Редакција

Пријатно време уште викендов, од понеделник повторно „пекол“

Редакција