Осомничената за случајот „Адитив“, претседателката на Државната комисија за спречување корупција Татјана Димитровска остана без пасош, одлучи Кривичен суд по распитот.
„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како „Адитив”, по нејзино произнесивање во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се опредлуваат мерки за претпазливост согласно точка 3 и точка 7 односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова; и Забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, велат од Кривичен суд.
Обвинителство соопшти дека Димитровска со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности.
„Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК.
Со опишаните дејствија во диспозитивот од Наредбата и до денес прибраните докази, на првоосомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело Злосторничко здружување, како помагач сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите две осомничени сториле кривично дело Одавање службена тајна,“ информираа од Обвинителство.
Во акцијата „Адитив“ поднесен е обвинителен акт против 31 физичко и пет правни лица, за криминал тежок 6,5 милиони евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Претседателката на Антикорупциска, Димитровска, на распит во Кривичен
Обвинение за 31 физичко и пет правни лица во предметот „Адитив“
Сите детали за акцијата „Адитив“: 23 лица проневериле 6,5 милиони евра
Фото/ДКСК