еМагазин
Image default
Бизнис

И во услови на пандемија, „Жито пром“ го зголемува производството воведувајќи нови колачи

Компанијата „Жито пром“ од Гевгелија, која ги произведува висококвалитетните и вкусни кроасани „4U“, бележи успешна година и покрај сите предизвици кои ги донесе пандемијата на ковид.

Од компанијата најавуваат зголемување на производствениот капацитет и нов производ – функционални колачи.

„Во последните 9 месеци работевме на целосно реновирање и подготовка на нов производствен капацитет од 1.000 квадратни метри, со кој значително ќе се зголеми асортиманот на производи на компанијата.

Во 2021 година палетата на производи ќе биде дополнета со иновативни функционални колачи, први од македонско производство, кои позитивно ќе влијаат врз метаболизмот, како и врз целокупното здравје на човекот. Современите потрошувачи акцентот го ставаат на грижа за својот имунолошки систем и поради тоа трендот на консумирање функционална храна е во значителен пораст“, вели Татјана Танева-Новаковска од „Жито пром“.

Овој проект е реализиран во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Инвестицијата вредна половина милион евра, комбинација на средства од ФИТР и „Жито Пром“,  ќе донесе 20 нови вработувања и најмалку 5 нови линии на производи.

Од „Жито пром“ очекуваат нивните функционални колачи брзо да го освојат домашниот пазар, но и странските пазари каде што е веќе присутна гевгелиската компанија.

Кроасаните „4U“ од годинава, покрај на постоечките пазари се извезуваат и во Либија, Малта, Израел и Полска, благодарение на успешното саемско претставување во февруари во Келн.

„Дури и во вакви тешки економски услови, успеавме да обезбедиме влез на нови пазари. Фактот дека производот е квалитетен и направен по високи стандарди за квалитет, потврдени со интернационалниот сертификат IFS (International Featured Standard), ги охрабри новите партнери да ги вклучат нашите производи во нивното портфолио“, вели Танева-Новаковска.

Во услови на нарушено секојдневие и постојана битка со подмолниот вирус, од компанијата посочуваат дека безусловната посветеност, грижата за здравјето на вработените и за колективното здравје им помогнале да ги реализираат зацртаните проекти.

„Од самиот почеток на пандемијата максимално се грижиме за вработените како за сопствено семејство. Уште од март воведовме строги протоколи за работа, за следење на симптоми и редовно тестирање со цел да се зголеми здравствената заштита на сите вработени“, додава Танева-Новаковска.

Со цел да придонесе во борбата против ковид, „Жито пром“ реализира повеќе донации кон социјално загрозени семејства, како и кон Инфективната болница во Скопје. Водејќи се од најголемата поука од оваа глобална закана, дека сите сме во ова заедно, компанијата со сплотени сили на повеќе гевгелиски компании и организации реализира и заедничка донација во медицинска опрема и уреди во вредност од 25.000 евра за Центарот за јавно здравје Гевгелија.

Покрај „Жито пром“, во оваа акција учествуваа и АМД „Дичо Панов“, „Конти Хидропласт“, „Џиви Доо”, ПЗУ „Дентиција”, „Итек Системи“, Здружение на возачи – Гевгелија, „Пет нет“, „Мем – Вочар“, Текстилна корпорација, „Штампа“, „Нар комерц“, „Дизел Ка-Ле“, „Марина Љупчо“, „Армор“, „Моделс Кокочев“, „Колвеко“, „Југостил“, „Дојран Стил“, Општина Богданци, Општина Дојран, ЈПК Комуналец Гевгелија и Општина Гевгелија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алкалоид за три месеци со 99 нови вработувања и инвестиции од 218,5 милиони денари

Редакција

ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта склучи договор со Пуцко петрол вреден 1,9 милион евра

Редакција

Работници од Индија пристигнале на фарма и во млекара во Свети Николе: Почна увозот на странски работници и во земјоделскиот сектор

Редакција