Комуникацијата со бугарската страна очекувам да продолжи во наредните денови и да го финализираме текстот на Акцискиот план, кој е фокусиран на секторската соработка помеѓу линиските министерства како и евентуално да го утврдиме датумот за одржување на втората меѓувладина седница, чии домаќини овој пат сме ние, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
–Јас сум во постојана комуникација со министерката Екатерина Захариева, меѓутоа и нашите служби комуницираат и во делот на финализирање на текстот, а бидејќи финализирање на текстот сепак е комплексен процес затоа што вклучува многу институции. Секоја институција во својот дел треба да каже дали е тоа во ред или пак треба да има дополнителни измени.
Но јас мислам 99 проценти од тој Aкциски план којшто ги содржи, ја содржи тематската односно секторската соработка е финализиран.
Очекуваме да го финализираме и тој останатиот дел, и да утврдиме датум, се разбира во зависност од агендите на двете влади и ангажманот што го има Владата на Бугарија во однос на изборите, рече Османи на новинарско прашање што содржи Акцискиот план конкретно и кога ќе има средба со Захариева за да го утврдите датумот за меѓувладината конференција.
Запрашан кој е тој еден процент кој не е усогласен од Акцискиот план, Османи појасни дека разликите се технички по однос на предлозите.
-Меѓутоа немаме суштински разлики по однос на пристапот и по однос на содржината што треба да биде дел од тој акциски план во секторската соработка. И затоа сум оптимист дека во наредните денови ќе финализираме тој текст, рече шефот на дипломатијата.
Тој оцени дека со тоа што имаме дефиниран план, имаме одредени прашања реализирани во минатиот период и во делот на историската комисија и во делот на секторската соработка, таа седница може да биде плодна и да биде добра основа за враќање на довербата и за продолжување понатаму на соработката помеѓу двете држави, рече Османи.
Појасни дека во првата фаза од дијалог на двете страни имало премногу емоции, па затоа е пристапено со нов порационален пристап каде фокусот е ставен токму на секторската соработка помеѓу линиските министерства коишто ќе го подобруваат животот на граѓаните од двете страни на границата и дека тој пристап е соодветен и во согласност со Договорот потпишан во 2017 година.
Запрашан дали на средбата со министерката Захариева ќе разговараат и на политички план односно дали ќе се отворат спорните точки, Османи нагласи дека двете страни постојано разговараат на тие теми.
-Се разбира дека ние постојано ги разговараме тие теми. Се додека постојат тие разлики ние треба да разговараме, да продолжиме и никако не смееме да дозволиме ова да прерасне во еден замрзнат конфликт во кој, како што имавме во претходни ситуации коишто само ќе ја влошат довербата и ќе ги влошат изгледите за изнаоѓање на решение.
Мојот пристап е да се комуницира, но сепак сега да ставиме акцент таму каде што имаме најмалку разлики. Прво затоа што тие не смеат да бидат жртва на овие разлики.
Од секторската соработка зависат судбини на бизниси, на семејства коишто се во дел на таа економска трговска размена со Република Бугарија и ние мора да водиме сметка за нашите граѓани, на инфраструткурните проекти коишто не поврзуваат и со тоа да ја создадеме таа основа на доверба за да потоа полесно разговараме и за овие прашања коишто изгледа содржат повеќе емоции.
Очигледно пристапот да се разговара само за овие теми се покажа дека е покомплициран, вели шефот на дипломатијата.
Во однос на денешниот видео состанок со португласкиот колега Сантос Силва, чија земја сега е претседавач со ЕУ, Османи рече дека разговарале, пред се по однос и на билатералната соработка, но и на приоритетите коишто ќе ги има и ги има португалското претседателство со ЕУ во наредните шест месеци.
-Задоволува фактот што тие го имаат приоритет Западниот Балкан и европската перспектива и со тоа европската перспектива на Република Северна Македонија.
Се уште не се во фаза да навлезат подетално во овие билатерални односи и разлики што ги имаме со Република Бугарија, но самиот факт што португалското претседателство покажува фокус и интерес за ова прашање дава надеж дека може да се искористат наредните два самита, мартовскиот и јунскиот самит на ЕУ, рече Османи.
МИА/Фото: МНР