еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Клиниката за хематологија апелира до граѓаните редовно да одат на прегледи

Поради стравот и мерките на претпазливост, пациентите одбегнуваат да одат на рутински прегледи кај своите матични лекари и се почесто одлучуваат да останат дома дури и кога имаат симптоми и нарушено здравје. Ваквата состојба е особено загрозувачка за лицата кои имаат хематолошки заболувања, информираат од Клиниката за хематологија.

Тие не се изложени на поголем ризик да бидат нападнати од коронавирусот, но се изложени на опасноста од неоткривање на болеста на време. Токму поради тоа, директорката на Универзитетската Kлиника за хематологија, проф. д-р Ирина Пановска Ставридис апелира до граѓаните кои имаат потреба за преглед или лекарска консултација да не го одложуваат одењето на лекар, бидејќи раното дијагностицирање и соодветниот третман на хематолошките малигни заболувања имаат клучно значење за излекување и успешен клинички исход од третманот.

„Ако пациентите се третираат навремено, многу од нив може да се излекуваат и да имаат долг и квалитетен живот. Пандемијата со Ковид-19 има големо влијание врз времето потребно за поставување на финалната дијагноза кај пациентите кои страдаат од хематолошки малигни заболувања.

Дисконтинуитетот во патот на дијагностика на пациентот со малигна лимфаденопатија доведе и до намален број на ново дијагностицирани пациенти. Голем дел од пациентите од страв од самата пандемија остануваат дома, самите не можат да ги препознаат симптомите на малигна лимфаденопатија и сето ова води кон задоцнето поставена дијагноза, а со тоа и полош клинички исход за пациентите.

Ги советувам пациентите да не се плашат од евентуална зараза со коронавирусот затоа што на клиниката строго се почитуваат и спроведуваат сите здравствени протоколи.

Со цел прегледите да бидат побрзи и безбедни, со пократок ред на чекање и да се запази социјалната дистанца, а притоа пациентите да добијат современа и комплетна услуга, по принципот еден пациент во една ординација, работата на клиниката се одвива во две смени.

Апелирам и до матичните лекари да ја користат новата е-амбуланта, дел од „Мој термин“ (телефонска консултација со матични лекари) која овозможува закажување на консултативен термин со одреден специјалист за своите пациенти за кои сметаат дека имаат потреба од специјалистичка консултација.

Бидејќи психо-физичкото здравје на пациентите кои веќе имаат поставена дијагноза малигнен лимфом е многу важно,  подготвивме и соодветна брошура на тема „Водич за пациентите со не-Хочкинов лимфом,“ изјави проф. д-р Ирина Пановска Ставридис.

Имајќи ја во предвид важноста на навременото дијагностицирање на ваквите заболувања, Здружението за хематологија на Македонија изработи и нов „Алгоритам за дијагностика на зголемени лимфни јазли во тек на пандемија“. Новиот алгоритам веќе е достапен за сите матични лекари и општи болници на ниво на целата држава.

Во изминатиот период беа организирани и неколку едукативни вебинари за стручната јавност, како и гостувања во телевизиски емисии од областа на здравството, на тема: „Што преставува лимфомот“ се со цел да ја зголеми јавната свесност за оваа болест, нејзините рани симптоми, како и кој е најбрзиот пат до соодветна дијагностика, затоа што смртноста на недијагностицираните и не третирани малигни болести е поголема од смртноста предизвикана од Ковид-19.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Уште една студија потврдува дека редовното вежбање штити од тешка инфекција со Ковид-19

Редакција

Д-р Харис Бабачиќ објаснува за смртноста кај вакцинираните против Ковид-19

Редакција

Анестезиологот Мојсова: Не е во колапс здравствениот систем, во колапс се здравствените работници

Редакција