Интернационалниот мајстор Филип Панчевски и женски фиде мајстор Моника Стојковска, двајцата од ШК Алкалоид, се новите државни шампиони на Македонија во шах, пренесува sportmedia.mk.
Панчевски триумфираше на Отвореното првенство на Македонија, на кое беше забрането учество на странски играчи и победникот беше посочен како нов државен првак.
„Генерално сум задоволен од играта, иако имав еднадо две партии што сметам дека можев да одиграм подобро. На крајот, резултатот 8 поени од 9 партии е доста добар. Овогодинешниот шампионат донесе подмладена конкуренција, па главни ривали ми беа тројцата репрезентативци на Македонија: ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски и ФМ Емил Ристески.
Во тие три клучни партии успеав да освојам 2,5 поени, што ми овозможи да имам еден поен повеќе од второпласираниот. Инаку, преферирам да играм на Затворен шампионат каде што треба да настапат сите најсилни македонски шахисти и турнирот би изгледал попрофесионално“, изјави Панчевски.
ФМ Емил Ристески и ФМ Роберт Велески, обајцата со по 7 поени, се најдоа веднаш зад победникот.
Женското првенство се организираше по истиот принцип, а на него се пријавија 12 учеснички. Победничката ЖФМ Моника Стојковска освои 6 од 7 можни поени.
„Сакам да ја поздравам иницијативата за одржување на женското првенство на Македонија кое недостасуваше изминативе години. Шахистките покажаа волја за игра и сметам дека бројот на пријавени учеснички е исто така за поздрав.
Нешто што сметам дека треба да се корегира во иднина е дискриминирачкиот награден фонд на женскиот турнир, кој беше двојно помал од наградниот фонд на машкиот турнир. Во однос на конкуренцијата, беа пријавени најсилните шахистки и перспективните младинки.
Задоволна сум од мојата игра, иако сметам дека можев и подобро. Ме радува крајниот резултат и мојата прва официјална шампионска титула. Се надевам дека овој турнир ќе продолжи да се одржува и во следните години, со поголема масовност и со порамноправен награден фонд во однос на мажите“, рече Стојковска.
За неа на второто место се најде ЖИМ Габриела Коскоска со 5 поени, додека Ивана Манова е трета со 4,5 поени.