Се случува промена во генералната слика во однос на уставните измени, со оглед на тоа што главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, претходно воопшто не сакаше да разговара за можноста да се смени Уставот, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата словенечка колешка Наташа Пирц Мусар.
Пендаровски нагласи дека промена на ставот на опозицијата бил видлив по лидерската средба, а во однос на еден од условите на ВМРО-ДПМНЕ за одложено дејство на уставните измени, рече дека тоа е нереално барање, со оглед на тоа што заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни – уставни измени па одржување на втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите.
-Главното барање е малата бројка на бугарско национално малцинство да биде дел од Уставот. Неодамна се одржа лидерска средба, на која се сретнаа највисоките претставници од власта и опозицијата и тука лидерот на најголемата опозициска партија изрази подготвеност да влезе во Владата и да гласа за уставните измени, со тоа што се разбира постави други предуслови, кои до моментов не се решени, но тоа е знајачна промена во однесување на опозицијата од која зависи двотретинското мнозинство, рече Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање.
Нагласи дека тој бил изненаден кога чул дека главната опозициска партија би сакал да биде и дел од Владата со пет ресори и да гласа од таа позиција.
Во врска со тоа дека изјавите на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по лидерската средба, која се одржа минатата недела се различни во однос на тоа кој што прифатил, Пендаровски вели дека доколку внимателно се следат изјавите на двете политички страни по лидерската и едната и другата страна се во право.
-Премиерот е во право кога тврди дека има драстична промена во ставот на главната опозициска партија, која воопшто не прифаќаше да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, велејќи дека не можеме да спроведеме уставни измени под бугарски дикатат и второ велеше за сето време дека овој парламентарен состав нема мандат за да влезе во тој процес.
Од друга страна опозицијата е во право во однос на предусловите кои ги има поставено на таа лидерска, нагласи Пендаровски.
Но во однос на еден од условите, односно одложеното дејство на уставните измени, тие да важат по влезот во ЕУ, по завршувањето на ратификацијата на пристапните протоколи, Пендаровски смета дека тоа е апсолутно надвор од реалноста.
-И јас би сакал сакал такво нешто, но заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни – морате да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот, за по автоматизам да продолжите со втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите.
Во тие заклучоци на Советот на Европа е вграден и ставот на Бугарија. За такво нешто треба да имаме нови заклучоци со консензус за да можеме воопшто да разговараме дека е можно денеска да ги усвоиме уставните измени, а да имаат дејство по завршувањето на преговорите, тоа е сосема нереално.
Се надевам дека не станува збор за изговор само за да не се влезе во процесот на уставни измени, нагласи шефот на државата.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот