Винопедиа во склоп на своите активности за потребата и подготовката на првата македонска винска енциклопедија и винска географска карта изврши геолоцирање и дигитално мапирање на регистрирани винарии со цел да овозможи на странските гости и винските ентузијасти брзо и едноставно пронаоѓање и лоцирање на винариите за нивно понатамошно истражување.
За помалку од 24 часа од објавувањето на онлајн винската карта повеќе од 1.000 корисници ја посетија и започнаа да ја користат истата.
„Онлајн верзија на картата овозможува посебно да се прикажат малите семејни винарии од останатите комерцијални винарии. Во подготовка се англиски печатени верзии на вински карти која ќе бидат издадени наредниот период.
Винските карти ќе послужат на транзитните патници и останати туристи што ќе престојуваат во Македонија да се информираат повеќе за винариите, винските рути и винската понуда од македонските семејни и останати винарии.
Квалитетот и сигурноста на објавените информации е обезбедена со поддршка и соработка со УКИМ Факултетот за земјоделски науки и храна – 75 Години ФЗНХ, Катедра за лозарство и винарство и Институтот за овоштарство, лозарство и винарство со професорите Михаил Петков и Златко Прцуловски,“ се вели во соопштението.
Во него се додава дека на винската карта покрај винариите во соработка со НУК – Независната угостителска комора мапирани се и значајни туристички и историски дестинации, вински продавници и вински музеи, како и угостителски објекти – хотели и вински ресторани кои нудат специјализирани вински дегустации во комбинација со македонски врвни гастрономски специјалитети за љубителите и истражувачите на винските дестинации.
Во првите шест месеци годинава, регистрирани се 100 нови винарии. Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, заклучно со 30 јуни во својот вински регистар евидентира 250 винарии од кои 167 се винарии од физички лица, односно семејни винарии, а останатите се комерцијални фирми – винарии.
Онлајн винската карта е бесплатна и достапна преку Google Maps на следниот линк: cut.li.