еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Годинава во Словенија на работниците од Македонија им се издадени работни дозволи за 40,3% повеќе од лани

Генералната директорка на Заводот за вработување на Словенија, Грета Метка Барбо Шкербинц вели дека во периодот од првите десет месеци од годинава издадени се 3.688 согласности за унифицирана дозвола за престој и работа за граѓаните на Македонија, што е за 40,3% повеќе во однос на истиот период лани.

„Им предочуваме на словенечките работодавци дека веќе не е доволно само да се понуди пристојна плата, тие мора да им помагаат на работниците во сите чекори при нивното вклучување и активно да им помагаат успешно да се интегрираат во животната средина по пристигнувањето во Словенија.

Тука е важна и помошта околу сместувањето, обединувањето на членовите на семејството итн,“ вели таа во интервјуто.

Впечатоците во Македонија од последната манифестација „Живот и работа во Словенија“ се многу позитивни. Но, што велат вашите искуства, дали имате број на македонски граѓани кои дошле во Словенија во последната година, а исто така какви се вашите очекувања за оваа година? Зошто Заводот за вработување одлучи да организира ваков настан?

– Оваа година, во месеците јуни и септември, веќе успешно организиравме неколку вакви настани во странство, па поради големата побарувачка од работодавачите и потребите на нашиот пазар на труд, решивме повторно да ги организираме настаните во Северна Македонија.

Главната цел на овие настани е на странските баратели на работа да им се обезбедат веродостојни информации за работните и животните услови во Словенија и да им се понуди соодветна правна заштита со релевантни информации, бидејќи како што знаеме, миграцијата е дел од нашето секојдневие и може да се очекува нејзин раст и во иднина.

Токму затоа сакаме да ги зајакнеме информациите за работниците кои веќе се во нивните земји на потекло, што значи да го подобриме нивниот пристап до информации за правата, процедурите за вработување, законодавството итн. во најголема можна мера, на начин кој ќе биде разбирлив за работниците и со тоа ќе им се обезбеди поголема правна сигурност.

За наредните години во Словенија се предвидува понатамошно зголемување на вработеноста и намалување на невработеноста. Оттука, очекуваме дека ќе продолжи да има недостиг на кадри на пазарот на трудот, а ќе се зголеми и регрутирањето на странска работна сила, која ѝ е потребна на нашата економија.

Бидејќи работодавачите во Словенија веќе подолго време се соочуваат со голем недостиг на персонал, ние исто така сакаме да ѝ помогнеме на земјата да обезбеди соодветна работна сила која ќе помогне во реконструкцијата по катастрофалните поплави и свлечишта што се случија во Словенија во август и каде што исто така сметаме на помош од странски работници од државите блиски до нас.

Во периодот од првите десет месеци од годинава издадени се 3.688 согласности за унифицирана дозвола за престој и работа за граѓаните на Северна Македонија, што е за 40,3% повеќе во однос на истиот период лани.

Кои компании доаѓаат кај нас на крајот на ноември? Што ќе има во нивната понуда и за кого е наменет овој настан?

Настанот е наменет за граѓаните на Северна Македонија. Сакаме да им понудиме што е можно посеопфатни информации за животот и работата во Словенија, односно не само за работењето.

Им предочуваме на словенечките работодавци дека веќе не е доволно само да се понуди пристојна плата, тие мора да им помагаат на работниците во сите чекори при нивното вклучување и активно да им помагаат успешно да се интегрираат во животната средина по пристигнувањето во Словенија. Тука е важна и помошта околу сместувањето, обединувањето на членовите на семејството итн.

Но, бидејќи најдобрите информации се оние од „прва рака“, на овој настан доаѓаат речиси 30 истакнати словенечки работодавачи од цела Словенија, кои заедно вработуваат повеќе од 20.000 работници.

Мнозинството се големи и средни работодавачи, а најголем број барања се од здравствената и социјалната заштита и градежната индустрија. Со нас ќе бидат и работодавачи од производство, транспорт и складирање, технички дејности и други.

Општите информации овде говорат дека во Словенија се бараат профилирани кадри како доктори, инженери, архитекти, градежници… Колку и каков кадар е потребен и какви административни придобивки можат да очекуваат заинтересираните за работа и живот во Словенија?

– На Словенија ѝ требаат практично сите профили, и висококвалификувани и неквалификувани кадри од различни дејности. Повеќе од половина од работодавците во Словенија се соочуваат со проблеми со наоѓање кадар, а мораме да кажеме дека работодавачите од Словенија многу ги ценат работниците од Северна Македонија.

Затоа сакаме на настанот да ги прикажеме можностите за работа од различни дејности и региони, сето она што Словенија може да го понуди во моментов.

Свесни сме дека работната миграција е дел од нас и дека никој не може да ги спречи луѓето кои одлучуваат да се преселат во друга земја од различни причини, а улогата на нашиот институт е да ги заштити овие работници што е можно повеќе со правилни информации, и да спречи злоупотреби.

Кои се придобивките за вработените во Словенија, за помладите и постарите, а кои за членовите на семејството? Дали има различни услови за поединци и семејства кои сакаат да живеат и работат во Словенија?

На настанот ќе ги претставиме можностите за вработување во Словенија. Но, свесни сме дека одлуката за работа во странство често ги погодува и другите членови на семејството. Затоа, на настанот ќе биде достапно индивидуално кариерно советување, а со задоволство ќе одговориме на сите прашања за животот во Словенија. Забележуваме дека многу ученици и студенти од Северна Македонија веќе студираат во Словенија и среќни сме што нашите две земји и на овој начин ги зајакнуваат своите врски.

Инаку, Словенија има многу строги услови во однос на еднаков третман на вработените, без разлика на возраста, државјанството и други лични околности, така што условите за вработените не се разликуваат. Се разбира, во случаи кога целото семејство се сели во друга земја, потребна е поголема поддршка за мобилност. А заводот за вработување, исто така, може да понуди соодветна помош овде.

Освен организирање на вакви настани, како инаку Заводот за вработување им помага на компаниите во Словенија, особено по поплавите? Како Македонија може да ги искористи вашите искуства во напорите да ги достигне европските стандарди?

Заводот за вработување нуди сеопфатни услуги на работодавачите во потрагата по работници, за таа цел организиравме специјални канцеларии за работодавачите низ Словенија. Консултантите ги обезбедуваат сите услуги за работодавачите на едно место. Поради малата невработеност, во моментов главно развиваме услуги за поддршка на вработувањето на оние кои се потешки за вработување, на пр. инвалиди, долгорочно невработени.

Ние, исто така, развиваме услуги за предвидување на потребните компетенции на нашиот пазар на труд, за да можеме навреме да го подготвиме нашето население за предизвиците во иднината, на пример со дополнителна обука.И досега сме успешни во ова.

Заводот поседува и знаење, искуство и достапни мерки со коишто дополнително им помагаме на работодавачите и општините погодени од поплавите и одроните. Ќе ги споменам само посебните јавни работи за помош на засегнатите општини, а на работодавачите им помагаме со различни надоместоци како надоместоци за плати за да можат повторно да застанат на нозе и да немаат потреба да отпуштаат вработени.

Во Словенија, како резултат на летната природна катастрофа од исклучителни размери, беше усвоена легислатива за интервенција со мерки за кофинансирање на чекање за работа, надоместување на платите за отсутните работници погодени од поплавите и надоместување на платите за работниците кои ја санираат штетата во компанијата. Исто така, поради ваквите мерки, стапката на невработеност во Словенија е една од најниските во ЕУ, а ние бараме и работници во странство.

На крајот, би сакала да нагласам дека мислам дека созреавме како држава во последните години и дека сме свесни дека ќе бидеме интересна дестинација за живеење и работа само доколку можеме да понудиме добри и стимулативни услови за работа и живеење.

За ова се свесни и многу словенечки работодавачи, кои ќе бидат со нас во Северна Македонија во наредните денови, кои сè повеќе се обидуваат да ги задржат и да ги задоволат кадрите на различни начини, особено со коректен и професионален однос кон своите вработени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Утрово во домот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јаулески, влезе Финансиската полиција

Редакција

Влада: Најмногу по едно лице на 20 квадрати при пазарување во трговските објекти

Редакција

Убава вест: Оздравени 423 заболени од Ковид-19

Редакција