Трета година по ред, Скопје беше дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlemans Ride“ чија што цел е да се подигне свеста кај мажите за сопственото здравје и да се соберат финансиски средства за борба против ракот на простатата.
126 урбани моторџии беа облечени во елегантна облека и со уникатни мотори дефилираа низ градските улици. Покрај хуманата димензија на настанот, се промовира и еден урбан начин на облекување кај мажите, а од друга страна се уриваат стереотипите дека моторџиите се неуредни, создаваат бучава и имаат бунтовничко однесување.
Годинава, околу 85 илјади беа дел од светското движење кое се одржа во 95 држави. Собрани се 4.072.787 долари кои ќе бидат наменети за фондацијата „Мовембер“ за истражувања и програми за рак на простатата и останатите машки болести. Од појавувањето на движењето досега собрани се повеќе од 16 милиони долари.
Фото: Дарко Христов