На 10. август (сабота), во градината на кафулето „P_inn“ во Старата скопска чаршија, со почеток во 21 часот ќе се реализира промотивен музички настан по повод 5 години активно делување на лејблот за електронска музика ПМГ Танц Дигитал (PMG Tanz Digital).
„PMG Tanz Digital“ се јавува како одговор на потребите за регистрирање, издавање и промоција на новиот автентичен и квалитетен израз на македонските електронски музички автори. Оние, чија музика се карактеризира со оригиналност и звук кој пулсира и парира на актуелната светска електронска продукција.
Како курирана музичка платформа основна од Мирко Попов и Андреја Салпе во 2019 година, во своето петгодишно постоење бележи 23 музички изданија, регистрирани на бендкамп платформата pmgtanzdigital.bandcamp.com.
„PMG Tanz Digital“ произлезе од работата на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“, како специјализиран лејбл кој ги регистрира современите електронски музички текови, со фокус на домашни музички автори и им обезбедува платформа за поширока видливост и промоција.
Изданијата имаат голема посетеност и интерес и кај домашната, и кај странската публика. Освен со издавање музика, „PMG Tanz Digital“ има континуирана активност во организирање бројни промотивни музички настани, програми и клупски вечери.
Настанот ќе се одбележи со електронска музичка програма во „P_inn“ во Старата скопска чаршија. За првпат со соло настап во живо ќе се претстави Андреја Салпе, еден од најквалитетните електронски музички продуценти од новата генерација.
Неговата музика освен за ПМГ Рекордингс и „PMG Tanz Digital“ е издадена и за странски дискографски куќи, а неговата потреба за креирање современ електронски звук е присутна и во работата, како дел од музичко-поетскиот проект „Поетроника“.
Во рамки на програмата со диџеј сет ќе се претстави и Виолета Качакова.
Промотивна објава