еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

(Галерија) Модата како огледало, заедницата како сцена – започна 30 јубилејно издание на Моден Викенд Скопје

Скопје, веќе 15 години е етаблиран регионален центар кој модата ја препознава низ културно-општествениот контекст на промени. И првиот ден од Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank, сезона број 30 го потврди токму тоа: модата повеќе не живее само на писта, туку во просторот помеѓу луѓето, зборовите и заедничката желба нешто да се промени.

Под слоганот „Community”, ова јубилејно издание започна не со блесок, туку со длабочина.

Diamond Residence Carat West Office, годинешната локација на настанот, се претвори во креативна лабораторија.

Изложбата „Community” – курирана во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) – беше колективен крик, интимен гест, гласно „да” за сите форми на самоизразување.

Петнаесет уметници Доротеј Нешовски, Слободан Милошески, Перо Кованцалиев, Никола Смилков, Синиша Новески, Нела Стојчевска, Татјана Ристовска, Озбек Ајваз со скулптури, инсталации и видео-дела поставија еден нов контекст дека модата, како и уметноста, е огледало на вредностите што ги делиме.

Видеопрограмата „Фемина” – со дела од Јана Манева-Чупоска, Жанета Вангели, Ирена Паскали, Весна Стефановска, Ивана Самандова, Ана Вчкова, Ѓорѓе Јовановиќ ја отвори темата за женскиот глас, телото и процесот на креација. Секоја проекција беше како интимно писмо – отворено, политичко и моќно.

А вечерта кулминираше со ревијата на победниците од натпреварот Past2Future Fashion, што годинава прерасна во регионален настан поддржан од Metropolitan University и Амбасадата на Република Словенија.

На сцената блеснаа Тим Понграц и Хана Крнц од Словенија, Јана Станишиќ и Доротеа Сушиќ од Србија, и Инес Бариќ од Хрватска.

Секоја од колекциите не само што беше технички и естетски зрела, туку носеше и свој став – за идентитетот, за корените, за екологијата, за телото како спомен и отпор.

Од панк-естетика испреплетена со балканската баба како лајтмотив, до колекции изработени од текстилот на бабиниот мираз, од интерпретација на словенечки митови до современи везови инспирирани од Сиорогојно – младите дизајнери не нѐ носеа само напред, туку нѐ вратија дома, редефинирајќи што значи „наследство” во модата.

А кога ERA ANGELA ја претстави својата колекција Ethereal Essence, нежноста и мистиката влегоа во просторот со иста моќ како и трендовите – со силуети што лебдат, тонови што трепкаат и детали што зборуваат за внатрешниот глас на секоја жена.

GEORGIYA, поддржано од ZIA Jewelry со својата романтична и царска втора сезона, покажа дека „вечерна облека” може да значи и вечна убавина, и автентична визија. Преку корсети, пастелни нијанси и внимателно изработени детали, брендот потсети дека раскошот има свој јазик и своја емоција.

Во публиката имаше дизајнери, уметници, новинари, студенти и луѓе што не се плашат да прашаат: „Што значи модата денес?”

Во атмосферата – свежина, енергија, и чувство дека сите сме дел од нешто што не завршува тука.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За што ја испрашувале српските полицајци, Северина сподели детали

Редакција

Претрес и кај Иџет Мемети за случајот со Наке Георгиев

Редакција

Министерот Сали вели дека протестирале само 25% од матичните лекари

Редакција