300 нови паркинг места за вработените во Клинички центар

Пристапот на пациентите до Клинички центар се олеснува, со тоа што се обезбедени 300 нови паркинг места за вработените.

„Во услови кога над 6.000 луѓе секој ден минуваат низ комплексот, а повеќе од 2.500 од нив се вработени, прашањето на паркирањето не може да биде оставено на импровизација. Не може да се зборува за функционален здравствен систем без функционална пристапност.

Затоа, Министерството за здравство потпиша меморандум за соработка со компанијата Лимак ДОО Скопје, со кој обезбедуваме паркинг простор за 300 возила, наменет за вработените во здравствените установи кои функционираат во рамки на Клиничкиот центар.

Од 1. јули, овој паркинг простор ќе биде ставен во функција и достапен 24 часа. Се наоѓа на оддалеченост од приближно пет минути пешачење од било која клиника. На овој начин директно одговараме на еден од најгорливите проблеми, секојдневниот хаос со паркирањето во овој најголем здравствен комплекс во државата.

Со пренасочување на возилата на вработените надвор од срцето на кампусот, го ослободуваме најблискиот простор за пациентите. Конечно граѓаните нема да мора да решаваат сообраќајни проблеми  и да губат нерви. Тоа значи полесен пристап, помалку гужви и поголема почит кон времето и достоинството на секој човек што доаѓа по здравствена помош. Клиничкиот центар добива паркинг кој ќе е во служба на пациентите,“ изјави министерот за здравство Азир Алиу.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести