ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ

Од Демократска обнова на Македонија (ДОМ) информираа дека Централниот одбор на партијата на седница која се одржала на 21. јуни донел одлука да ја напушти коалицијата со СДСМ.

„ДОМ коалициите ги разбира како алатка за остварување на заедничките вредносни цели, но кога тие се губат, доаѓа моментот за нова насока. Оваа одлука е донесена со целосна почит кон соработката од минатото, но како политичка партија која се стреми кон инклузивност, доследност и отвореност, ДОМ верува дека дојде време за нова, самостојна и одлучна насока“, велат од партијата.

Од таму најавуваат формирање на „Коалиција за зелена иднина“, отворена платформа за идеи, заедничка акција и поддршка на автентични локални кандидати од граѓаните за граѓаните.

„Оваа одлука е одговор на политичката затвореност, игнорирањето на граѓанските иницијативи и девалвацијата на меритократијата. Наместо следбеници, ДОМ ќе гради инклузивни политики со соработници.

Воедно, ДОМ упатува отворен повик до сите активисти и активистки од граѓанскиот сектор, до младите и студентите и до сите граѓани и граѓанки кои се залагаат за еколошко, праведно, одржливо и европско општество: да влијаеме заедно, да делуваме здружено и да ја изградиме зелената иднина на Македонија“, велат од ДОМ.

Донесена е и одлука за настап на претстојните локални избори без партнери од традиционалниот политички спектар.

“Одлуката претставува политички избор што произлегува од желбата на членовите на ДОМ да градат нова култура на локална политика: автентична, вредносно доследна и поврзана со вистинските потреби на локалните заедници.

Во оваа насока на исполнување на политичка волја на членството, ДОМ ја нуди својата структура, знаење и поддршка во сите општини каде што има луѓе со идеи, со интегритет, со врска со својата заедница и само за граѓаните. Наместо компромиси со политички партнери без визија, ДОМ ги отвора вратите само за граѓанските сојузници кои ја споделуваат вредносната мисија за зелена, праведна и инклузивна локална политика“, велат од таму.

Фото: ДОМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести