Кои се првите четири банки од Македонија кои се впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања: Започнува членувањето на земјава во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од Македонија во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

Се работи за Халк Банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, ПроКредит банка и Стопанска банка АД Скопје.

Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6. октомври 2025 година.

Со ова и официјално започнува и членувањето на земјава во СЕПА.

Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6. октомври.

На 6. март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за Македонија, со што станавме членка на СЕПА. Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.

-Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.

Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок, информираат од Народната банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести