Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија, велат од Влада.
Од таму реагираат на пренесеното соопштение во медиумите на Здружение на граѓани „16-ти Март“, во кое родителите на загинатите во пожарот во Кочани, информираат дека на средбата во Владата, меѓудругото, премиерот Христијан Мицкоски им рекол „да си одредат цена за нивните деца“.
„Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења.
Ова писмо од родителите и роднините е потсетник дека мора да се решаваат проблемите и да се демонстрира волја и одлучност да се помогне уште повеќе и уште подецидно.
Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме.
Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно.
Апелираме да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, а владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции,“ се вели во реакцијата на Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Одредете си цена завашите деца“, им рекол Мицкоски на родителите на загинатите во пожарот во Кочани