Иако резултатите од анализата на водата во Општина Гостивар, од која најверојатно се затруја најмалку 3.100 лица, се готови, никој не ги објавува истите.
Мостри од водата беа земени во четврток, а како што информираше денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, процедурата за тоа завршила во раните утрински часови во петокот.
Примероците, кои биле земени од четири различни локации, веднаш беа испратени на анализа.
Резултатите биле испратени до Јавното обвинителство, а како што рече таа денеска, во интерес на истрагата, резултатите не можат да бидат јавно објавени сè додека ИЈЗ не добие согласност од Обвинителството.
Од Обвинителството пак велат дека постапката била во фаза на предистрага, што било тајна. Посочуваат дека и понатаму се преземале истражни дејствија за прибирање докази.
-Сите прибрани докази до овој момент, како и доказите кои допрва се очекува да бидат доставени се анализираат за да се утврди состојбата од која ќе произлезе правна квалификација на евентуално сторено кривично дело и идентификација на сторителите, велат од таму, посочувајќи дека веднаш по утврдување на сите околности и донесување на соодветна јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде запознаена.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, пак денеска изјави дека тој ги нема информациите за резултатите, а за да ги кажел јавно морало прво да добие дозвола од одгворните во Обвинителството.
-Јасно кажувам дека кога ќе добијам дозвола за пристап до информациите, ќе информирам рече тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дури 3.100 лица побарале медицинска помош во Општина Гостивар
Градоначалникот на Гостивар не чувствува лична одговорност за епидемијата во Општината
Фото: Унсплеш














