Кедев испиша историја: Единствениот во регионот кој ги искачи сите 14 врвови во светот, повисоки од 8.000 метри надморска височина

Со искачувањето на Gasherbrum I (8,080m) во Пакистан, доктор Сашко Кедев направи историски успех за Македонија.

Имено, тој стана единствениот од Македонија, а и пошироко во регионот кој ги искачил сите 14 врвови повисоки од 8.000 мнм, кои главно се наоѓаат на Хималаите.

На 20 јули по локално време, Кедев го искачи врвот со двајца шерпаси на Imagine Nepal и уште еден алпинист од Кина.

„Во невреме и тешкотија, имаме можност за раст. Тој неуспех, за мене можеби е едно од најпозитивните искуства во животот, бидејќи најмногу учиме од  неуспехот. Успехот не не учи на ништо, може да не раскомоти и да влеземе во комфорни зона.

Повеќе од 80 отсто од луѓето, а мислам дека во Македонија тој процент е повисок, живеат во комфорна зона, раскомотени и не превземаат никаков ризик. Понекогаш излегуваат од комфор и влегуваат во непријатна зона на страв која што не ограничува да го дадеме нашиот максимум.

Меѓутоа скокот во непознатото, прифаќањето на ризик и живеењето на некој начин опасно, е единствениот пат за личен раст. Но, тука секој треба да го детектира и да си го ограничи своето ниво на ризично живеење. Секој има индивидуално ниво на прифатлив ризик.

И во секоја непријатна ситуација, која навидум изгледа неповолна има скриено добро. Никогаш не е ништо само лошо. И затоа дали дали ќе бидеме под стрес или благосостојба, зависи од самите нас,“ изјави Кедев при една од неговите презентации за искачувањето на врвовите.

Фото/Приватна архива на Кедев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести