Колкави приходи имале Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма лани

Петте терестријални телевизии на државно ниво – Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма, лани имале вкупни приходи од 1,32 милијарди денари, покажува Анализата на пазарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како работеле Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма лани

Во однос на претходната година, заедничките вкупни приходи на овие пет телевизии се повисоки за 19 %, што се должи на приходите од платеното политичко рекламирање за време на парламентарните и претседателските избори (199,48 милиони денари).

Без нив, зголемувањето на вкупните приходи е незначително и изнесува само 0,92 %, се посочува во анализата.

-43 % од вкупните приходи на овој релевантен пазар се приходите на Сител (во апсолутен износ од 566,37 милиони денари), а 21 % се приходите на Канал 5 (281,83 милиони денари).

Останатите 36 % се приходите на Алсат М (180,63 милиони денари), Телма (152,61 милион денари) и на Алфа (135,16 милиони денари).

Гледано поединечно, пад на вкупните приходи во однос на претходната година има само кај Алфа (за 3 %), додека кај другите телевизии има зголемување, и тоа: кај Сител за 19 %, кај Алсат-М за 13 % и кај Телма за 33 %.

Во периодот од последните шест години Алфа и Алсат-М прикажале највисоки вкупни приходи во 2021 година, додека Канал 5, Сител и Телма во 2024 година.

95 % од вкупните приходи биле остварени од емитување реклами, и тоа 80 % од комерцијално рекламирање (1.051,30 милиони денари) и 15 % од платено политичко рекламирање (199,48 милиони денари).

Во анализираната година приходите од комерцијалното рекламирање биле за 10,05 % повисоки отколку во 2023 година, стои во анализата.

Во 2024 година за првпат биле остварени повисоки приходи од комерцијално рекламирање отколку во претпандемиската 2019 година – номиналното зголемување во однос на 2019 година изнесува 90,08 милиони денари, a стапката на раст 9,37 %.

-Стапката на реален раст е пониска со оглед на годишните стапки на инфлација за овој период (во 2020 инфлацијата изнесува 1,2 %, во 2021 година 3,2 %, во 2022 година 14,2 %, во 2023 година 9,4 %, а во 2024 година 3,5 %).

При пресметувањето на уделите во вкупните приходи од рекламирање предвид се земени и приходите на јавниот радиодифузен сервис, поради тоа што во овој дел од работењето МРТВ се јавува како субјект на овој релевантен пазар.

Споредбената анализа покажува дека Сител имала најголем удел во гледаноста и најголем дел од рекламниот колач, а на второ место по двата аспекта била Канал 5. Иако, според гледаноста Алфа била на трето место, Алсат-М и Телма оствариле повисоки приходи од рекламирање од неа, стои во анализата.

Приходите што овие пет телевизии ги оствариле од емитување платено политичко рекламирање за време на парламентарните и претседателските избори што се одржаа во анализираната година изнесувале 199,48 милиони денари.

-Најголем дел од овие средства биле издвоени за рекламирање на Сител (55,67 милиони денари). Канал 5 и Алсат-М оствариле приближно исти приходи (51,87, односно 51,51 милион денари), потоа следи Телма (25,77 милиони денари), а најниски се приходите на Алфа (14,65 милиони денари).

Најмногу платено политичко рекламирање емитувала Канал 5 (326.864 секунди), а најмалку Телма (146.169 секунди), стои во анализата

Илустрација: Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести