Управниот суд ја отфрли тужбата на Левица со која партијата побара поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на 26. септември годинава.
Во образложението за пресудата, од Управниот суд наведуваат дека согласно позитивните законски одредби, ААВМУ е самостојно и независно регулаторно тело, a директорот на самостојниот орган на државната управа може да носи правилници, решенија, наредби, упатства и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во однос на самото упатство, Судот посочува дека не се работи за поединечен, туку за општ акт со кој се даваат насоки и толкувања за примена на законски одредби, во конкретниот случај одредбите од Изборниот законик.
„…Произлегува дека за да може еден управен акт да биде предмет на управен спор, треба да се исполнети повеќе услови – истиот пред сè треба да биде индивидувален, конкретен, а не општ акт на управата, тој акт да е донесен во некоја управна постапка со која се решава за права и обврски на поединец или правно лице, да ги има особините на управен акт и да е конечен во управната постапка“, се вели во решението.
Во овој контекст се додава дека Судот оценил дека не станува збор за управен акт против кој може да се води управен спор, туку претставува општ акт донесен врз основа на законски овластувања на органот, поради што тужбата на Левица се отфрла како недозволена.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Унсплеш