Поплавени куќи, прекинат сообраќај поради наноси и одрони: Дождот предизвика излевање на реки во неколку региони

Поради обилните врнежи од дожд во последното деноноќие на повеќе локации во државата се регистрирани зголемување на водостоите на реките како и одредени излевања, поплавени објекти и одрони, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во Битолскиот регион има излевање на реката Шемница кај селото Лера со поплавена куќа и штали. Во Општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река.

Во Преспанскиот регион има излевање на реки во селата Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи. Постои опасност од излевање на Голема Река.

Во Струмичкиот регион регистрирани се одрони на патниот правец Струмица–Валандово.

Во Скопскиот регион има зголемено нивото на речните корита, но засега без излевања на водотеците од нивните корита.

Во Велешкиот регион има одрони и паднато дрво на два патни правци. Реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица.

Во Охридскиот регион има значително покачени водостоите на реките, излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.

Од ЦУК апелираат до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби, а доколку забележат било каква опасност – веднаш да пријават на бесплатниот број за итни повици 112 во ЦУК.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести