Денеска во Кочани се одржа 34. Марш за ангелите, на кој, родителите на загинатите во пожарот во Пулс, побараа проширување на истрагата и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапката.
До новиот јавен обвинител испратија порака за преиспитување на целиот предмет од почеток за, како што рекоа, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
Александар Наунов, татко на починато девојче, рече дека се гневни затоа што постојат и други лица за кои јавноста и семејствата знаат дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага.
„Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца,“ рече Наунов.
Родителите порачаа дека селективната правда не е правда, молкот не е неутрален, а одолговлекувањето не е случајност.
„Нашето барање е јасно и легитимно, правда за нив и одговорност сега,“ порачаа родителите на маршот.
Фото/Игор Бансколиев













