Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје изврши увид во Старата скопска чаршија каде ноќеска се случи тежок инцидент со смртни последици.
Според информациите од ОЈО, околу 01:00 часот по полноќ биле пронајдени двајца турски државјани со повреди од остар предмет. За жал, повредите биле фатални за едниот од нив кој починал малку подоцна, додека другиот е повреден.
Од ОЈО Скопје соопштија дека се издадени итни наредби за обезбедување докази и дека МВР интензивно постапува за расчистување на настанот.
Од МВР соопштија дека во 01:11 часот во СВР Скопје било пријавено нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка пред угостителски објект во Старата скопска чаршија, при што биле употребени остри предмети.
„Полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот, каде што со повреди од остар предмет биле пронајдени две лица – А.М.Д. (22) и Ч.Е. (23), двајцата државјани на Турција. Кај А.М.Д., во 01:30 часот, лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, додека второто повредено лице било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување медицинска помош.
За настанот бил известен надлежен јавен обвинител, а од МВР информираат дека се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со убиството,“ се вели во соопштението на МВР.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
22-годишен турски државјанин е убиен во скопската Стара чаршија, еден од напаѓачите е во бегство














