За утре Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест пред македонското Собрание.
Протестот ќе започне во 9 часот, а ќе се блокираат улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“.

Од таму велат дека протестот се организира поради едногодишното молчење на пратениците за нивниот предлог за зголемување на минималната плата и на останатите плати.
Синдикатот бара минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за најмалку 6.000 денари или за разликата што ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата.
Од ССМ обвинуваат дека пратениците не ги слушаат работничките барања, додека нивните плати веќе се зголемени за 79%, со можност за дополнително зголемување од 21,8%.
Од Синдикатот најавуваат дека преку блокадата ќе се обидат да ги спречат пратениците да користат патни трошоци и ги повикуваат итно да гласаат за зголемување на работничките плати, како и за намалување на функционерските примања, согласно нивната иницијатива.
Во спротивно, најавуваат собирање на 10.000 потписи за законски измени.
Синдикатот информира дека за време на протестот ќе биде овозможено непречено движење на возилата на Итната медицинска помош, противпожарната бригада и полицијата.
Фото: ССМ














