Со владиниот „лирџет“ од јуни 2024 година до декември 2025 година, најмногу летала претседателката Гордана Сиљановска Давкова – 13 пати, објави телевизијата Телма, повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата.
Таа го користела за патувања до Тиват, Подгорица, Тирана, Рим, Истанбул, Копенхаген…
Од министрите авионот најмногу го користел вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски – 11 пати, од кои шест пати го користел за патување до Будимпешта, Унгарија, која е и дестинацијата до која најмногу се користел истиот.
Премиерот Христијан Мицкоски го користел авионот три пати.
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, пак го користел седум пати.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го користел владиниот авион три пати.
Владиниот авион за потребите на граѓаните, се користел два пати – за транспорт на повредени од пожарот во Кочани и за евакуација на граѓани од Израел.
Во овој период авионот е користен 40 пати, а се сервисирал девет пати.
Фото: Кабинет на претседателката













