Народниот правобранител, постапувајќи по службена должност и во рамките на своите уставни и законски надлежности, отвори предмет во врска со сериозната состојба со поплавите на територијата на Општина Кичево, информираше Илбер Руфати, заменик-народен правобранител од подрачна канцеларија Кичево.
„Според првичните податоци, врз основа на фотодокументација и информации добиени од граѓани, поплавите зафатиле јавни сообраќајници, станбени објекти и објекти од јавен интерес, вклучително и образовна установа. Оваа состојба претставува директна закана за безбедноста, здравјето и имотот на граѓаните.
Првичните индикации упатуваат на можни системски недостатоци во управувањето со атмосферската канализација, системите за одводнување и одржувањето на водотеците, што може да го отвори прашањето за институционална одговорност, доколку се утврди непостапување или небрежност,“ информира Руфати.
Имајќи ги предвид законските обврски на надлежните органи за превенција и управување со природни непогоди, Народниот правобранител достави официјално барање до Општина Кичево, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за животна средина и просторно планирање, со барање за итна и целосна техничка проценка на причините за настанатата состојба, детално информирање за досега преземените мерки, утврдување на евентуална институционална одговорност, изготвување конкретен акциски план со јасни рокови за санација и превенција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Во поплавата во Кичево исплива и отпадот кој го фрламе во реките
Фото: Заменик-народен правобранител













