Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), додели лиценци (UIMLA карнети) на новата генерација професионални водичи во планина, обучени согласно меѓународниот стандард на Union of International Mountain Leader Associations (UIMLA).
18 кандидати – 8 од Македонија и 10 од регионот (Косово, Албанија, Грција и еден кандидат од САД), успешно ја завршија обуката и ги исполнија строгите професионални критериуми за стекнување меѓународно призната квалификација.
МАИВП е единствена оргинизација во регионот која спроведува обуки и издава лиценци за професионални планиниски водичи. Регионалниот карактер на генерацијата дополнително ја позиционира земјата како центар на знаење и соработка во областа на професионалното планинско водење, придонесувајќи кон јакнење на прекуграничната туристичка понуда и економска поврзаност.
Билјана Стефаноска, национален координатор за промоција на туризмот изјави дека оваа меѓународно признаена класификација е потврда за стручноста на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, посветеноста, одговорноста и претставува значаен придонес во унапредување на квалитетот и безбедноста во туризмот.
„Планинскиот и авантуристичкиот туризам претставуваат значаен потенцијал особено во руралните и планиниските подрачја. Вие како професионални водичи сте амбасадори на нашата држава, на природните убавини но и гаранција и доверба кај странските туристи.
Особено радува фактот што оваа генерација има регионален карактер, тоа ја позиционира нашата земја како центар на знаење и соработка и отвора простор за посилна прекугранична сораборка,“ рече Стефаноска на доделувањето на лиценците во Europe House.
Влатко Сулев, претседателот на Национална асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ) рече дека доделувањето на УИМЛА лиценците претставува конкретен чекор напред кон создавање на конкурентен одржлив меѓународно препознатлив туристички производ.
„Ова не е само национален успех, ова е позиционирање на нашата земја како регионален центар за знаење, стандарди и професионална едукација во планинискиот туризам. Туризмот денес не се мери само во бројки, се мери во доверба, со безбедност, со квалитет на искуството кое што го нудиме како дестинација. Современиот турист посебно оној кој доаѓа за авантуристички, планинински и активен туризам очекува професионалност според меѓународни стандарди, очекува сертифициран водич, очекува сигурност, очекува автентично доживување.
Токму овие 18 нови лиценцирани водичи се одговор на тие очекувања. Планинскиот и авантуристичкиот туризам не се само дополнителен сегмент, тие се стратешка можност за продолжување на туристичката сезона што е исклучително важно за нас и за целиот регион, развој на руралните и планинските подрачја, создавање на нови локални приходи и диверзификација на понудата.
Во време кога светот се повеќе се ориентира кон одржливи, искуствени и помалку масовни форми на патување, ние мора да инвестираме во човечки капитал. Без луѓе нема квалитетен производ, без стандарди нема доверба, без доверба нема сериозни пазари. Планината не е само пејзаж, таа е ресурс, економија, можност но само ако ја управуваме одговорно,“ потенцираше Сулев.
Лиценците ги додели Костантин Циривири, претседател на МАИВП, кој во оваа прилика истакна дека не е лесно да се воспостават нови стандарди особено кога се креира голем расчекор помеѓу тоа што е секојдневие, пракса и легислатива во реалноста и она што сакаме да го имплементираме за да станеме дел од светот.
„Тоа е голем напор за да се премости не само јаз во времето, туку и јаз во стандардите кои што без колективна работа, без лични жртви, без разбирање на луѓето што се во тимот, апсолутно не е возможно. За мене е огромна чест што во овие последни две години, создаваме генерации од регионот.
Тоа не е начин со кој ние како заедница или држава ја докажуваме нашата доминација, напротив тоа е начин со кој покажуваме пријателство, братство, подадена рака заради тоа што планините немаат административни граници, нема националност, нема култура, нема религија, тоа е дел од универзумот. Сите водичи во планина во принцип се амбасадори на една универзална идеја во која што сите ние веруваме дека престојот на планина може да ги направи луѓето помудри, поспокојни, поздрави а планинискиот туризам да биде многу сериозен генератор на економскиот развој,“ додаде Циривири.
Лиценцираните водичи го изразија своето задоволство од квалиетот на обуката, соработката со професионалците, пристапот како и од убавината на македонските планини.
Низ процесот на учење за стекнување на лиценците, кој патем поминал низ високо поставени стандарди, разбрале дека луѓето од овој регион има работи кои повеќе ги обединуваат, отколку што ги разделуваат.
Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) е национална организација на професионалните водичи во планина од Македонија која е членка на меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA од 2008 година, а од 2018 година е полноправна членка со право за издавање лиценци за професионални водичи во планина (UIMLA – IML International Mountain Leader). IML стандардот претставува меѓународен стандард за професионалните водичи во планина кои се занимаваат со водење клиенти на пешачки планинарски тури, т.е. планинарски тури на „не технички терен“.
Лиценците што ги издава МАИВП – UIMLA карнетите, се унифицирани за сите членови на UIMLA и имаат меѓународна валидност, кое што повлекува и обврски за придржување до меѓународните стандарди за обука и лиценцирање на водичите и почитување на нормите за професионално работење со клиенти во планинскиот туризам.
Во Македонија програмата за обука на Интернационални водичи во планина ја спроведува Центарот за образование, наука и истражување Планинска академија Маврово, која што е одобрена од Министерството за образование и наука.

Фото: МАИВП














