На денешното рочиште за трагедијата во Кочани сведочеше и Бојан Клименков, кој порано работел како келнер во т.н. дискотека “Пулс“, а кобната ноќ бил таму како гостин.
Во своето сведочење меѓу друго рече дека на бината имало три прскалки, а кога истите биле активирани осетил пецкање од нив.
-Не видов како и кога ги активираат. Никој не дојде да ги запали, мислам дека е на копче, рече тој, посочувајќи дека откако биле запалени се потргнал настрана, а и дека не знае кој ги поставувал прскалките.
Рече и дека првоосомничениот Дејан Јованов Деко, сопственикот на т.н. дискотека пробал да го изгасне пожарот по што починатиот член на ДНК, Владимир Блажев Панчо, повикал сите да го напуштат објектот.
-Тргнавме накај влезот. Таму имаше стампедо од вецето до првата влезна врата. Околу 300 до 400 луѓе. Стампедо. Ништо не се гледаше, топлина, чад. Јас се заглавив во стампедото и се онесвестив.
Потоа дојдов при свест, пробав да излезам, но врз мене имаше околу пет-шест тела. Ми помогна Горан Илиев, рече тој меѓу друго.
Во т.н. дискотека работел три сезони и не бил осигуран. За вратата која била заклучена, а за која сведочеа и други сведоци, рече дека таа понекогаш била отклучувана за од таму да излегуваат малолетници при полициски рации.
Во пожарот го изгубил неговиот другар Петре Ивановски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Прво мислев дека се работи за анимација, кажа гостин во „Пулс“, кој го снимил почетокот на пожарот
Фото: Игор Бансколиев














