Никој не го сфати сериозно Панчо, кога повика да ја напуштиме „Пулс“, рече придружниот вокал на ДНК, Костадиновска

На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ сведочеше Ана Костадиновска, придружен вокал на групата ДНК, која кобната ноќ имаше концерт таму.

Таа е редовен професор во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и не била постојан член на групата.

Меѓу друго рече дека никогаш не видела кој ги поставувал и кој ги активирал прскалките, поради кои настана пожарот. Рече и дека со ДНК настапувала последните четири-пет години и дека и на други настапи на групата се користеле истите и дека немало инциденти.

Посочи дека т.н. дискотека била полна, но и дека не може да го каже точниот број на присутни.

Прскалките биле вклучени на рефренот од песната „Што сака нека биде“, како што било и на други настапи. Кога таа ноќ биле активирани истите почувствувала топлина, по што погледнала нагоре и го видела пламенот.

Посочи и дека кога починатиот Владимир Блажев Панчо од ДНК, ги повикал присутните да го напуштат објектот, никој не ја сфатил сериозно ситуацијата.

-Се движевме споро кон излезот. Забележав врата десно од мене и ги повикав сите да излеземе од таа врата, но беше заклучена, рече таа меѓу друго.

Потоа тргнала по друг пат и повеќе не видела никој од групата. Паднала во стампедото и настанал хаос.

-Се чувствуваше силен мирис што нè тераше на спиење. Ми помогна едно момче кое беше до мене и нè држеше будни. Ногата ми беше приклештена, имаше многу луѓе. Во еден момент се почувствува свеж воздух што ни даде надеж. Момчето над мене се помрдна за да ја извлечам ногата и така излегов, рече таа.

Подоцна дознала дека момчето што и помогнало било од Виница, кое спасило повеќе лица.

Рече и дека и денес чувствува последици од повредите и дека се приклучува кон кривичниот прогон.

Прво била во болницата во Кочани, а потоа била хоспитализирана во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје.

-Ми беа изгорени гласните жици и не можев да зборувам. Добив соодветна терапија. Коленото ми беше набиено навнатре, за чудо немав скршеница, а уште имам болки.

Имав и изгореници по целото лице, веројатно од високата температура, а имаше и капење одозгора од кои добив изгореници по телото кои личат на изгореници од цигара, рече таа.

Меѓу друго рече и дека не се согласува со констатацијата дека членовите на ДНК кои ја активирале пиротехниката ја запалиле дискотеката и дека незнае дали групата имала дозвола од Министерството за внатрешни работи за употреба на пиротехника.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Прво мислев дека се работи за анимација, кажа гостин во „Пулс“, кој го снимил почетокот на пожарот

Во „Пулс“ имало три прскалки, ги пецкале гостите, рече преживен во пожарот и поранешен вработен таму

Имам изгореници на дишните патишта, десното уво, вратот, лицето и десната рака, уште неможам да свирам, рече музичарот Тонев

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести