Ученик во четврто одделение во основното училиште „Киро Глигоров“ на 9. февруари годинава во скопски Капиштец донел нож во својот ранец за време на наставата, пренесува агенцијата Мета.
Информацијата е објавена во повеќе медиуми, откако реагирале родители на ученици во училиштето, а е потврдена и преку вонредниот инспекциски надзор спроведен од Државниот просветен инспекторат (ДПИ).
Според наодите од надзорот до кој дојде Мета, инспекторите непосредно по инцидентот биле во училиштето, а на состанокот присуствувале директорката Билјана Билбиловска, одделенската наставничка, специјалниот едукатор и рехабилитатор, како и училишниот психолог.
„Присутните истакнаа дека настанот се случил на почетокот од првиот час. При подготовка за час ученикот забележал остар предмет во неговиот ранец и го пријавил на одделенскиот раководител.
Бидејќи бил видно вознемирен од неговото пронаоѓање, одделенскиот наставник го одзел истиот и го изнел ученикот надвор од училница за да го смири. По разговорот, откако се смирил, ученикот се вратил во училница, по што одделенскиот наставник ги информирал стручната служба и директорот.
Родителите на ученикот се повикани во училиште. Психологот како одговорно лице за пријавување насилство, пополнил формулар за евиденција на насилство поради сомнеж за насилство носење остар предмет во ранец, а присутните истакнаа дека остриот предмет не бил злоупотребен од страна на ученикот, а внесување ваков премет во училиштето е спротивно на куќниот ред и кодексите“, пишува во извештајот на инспекторите.
Како што се наведува во извештајот, училишното раководство разговарало со родителите.
„Мајката изјавила дека по грешка, во брзање го ставила ножот во ранецот на нејзиното дете и дека ја превзема целосната одговорност, за што дала и писмена изјава своерачно потпишана следниот ден, на 10. февруари.
Стручната служба ги советувала родителите да разговараат со нивното дете и да му укажат на одговорноста од ваквите недозволени постапки.
Со родителите е договорено следниот ден повторно да дојдат на разговор во просториите на училиштето заради утврдување на понатамошни мерки и активности“, пишува во извештајот од ДПИ.
Истиот ден, на родителите им било врачено и писмо од стручната училчишна служба во кое се информираат дека има потреба од проценка за ученикот од релевантна институција кое ќе им помогне во давање поддршка и понатамошната работа со ученикот.
„Родителите биле информирани дека во наредниот период ќе бидат повикувани на советување еднаш неделно и дека стручната служба ќе продолжи да работи со ученикот“, се додава во извештајот.
Родители на ученици во истото одделение тврдат дека ова не бил прв инцидент поврзан со истото дете и дека, како што наведуваат, се соочувале со сериозни проблеми во однесувањето кои вклучуваат и претходни испади врз соученици, вербални закани, вознемирување и опструкции, пишува Мета.
Фото: Град Скопје













