Првата линија ќе биде пуштена во септември, завршени се 65% од проектот Градски воз во Скопје

Проектот Градски воз напредува одлично, до јуни ќе биде завршена линијата од Зелениково преку Драчево и Кисела Вода до Нова железничка станица, а од 1. септември ќе биде пуштена за сообраќај, информираше денеска министерот за транспорт Александар Николоски.

„JП Железници инфраструктура доста напредува со проектирањето на другите две линии и работата оди побрзо од што беше планирано и очекувано, што значи дека ќе го скратиме рокот на комплетно завршување на проектот Градски воз до крајот на 2027 година и ќе имаме три функционални линии“ кажа Николоски.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски информираше дека со рехабилитација на железничката пруга на делницата Транспортен центар Скопје – Зелениково, во должина од околу 25 километри, се поставуваат темелите на модерен, ефикасен и одржлив јавен транспорт.

„Со подобрување на техничките карактеристики на пругата, се зголемува безбедноста во сообраќајот, се враќа проектираната брзина и се обезбедува стабилност на колосечната конструкција, дури и при зголемено оптоварување.

Се задржува постојната траса, но со внимателни и прецизни корекции, во согласност со највисоките стандарди. Со степен на реализација од околу 65%, овој проект веќе добива јасни контури на успех“, рече Ѓоргиевски.

Тој додаде дека во рамки на активностите се врши целосна модернизација, како демонтажа на стариот колосек, замена на дотраените дрвени прагови со нови бетонски, подобрување на засторот, како и машинско подбивање и регулирање со современа механизација.

Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести