Од Комитетот за човекови права на Обединетите нации (ОН) соопштија дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, коосновач на непрофитна организација за човекови права откако тамошните судови го отфрлиле неговото барање за регистрација на здружението без за тоа да обезбедат валидно правно оправдување.
Подносителот на жалбата кој е историчар, до бугарските власти поднел барање за регистрација на невладина организација – Комитет за заштита на човековите права „Толеранција“, врз основа на Законот за непрофитни правни лица.
Но, и покрај тоа што ги доставил сите релевантни документи и дополнителни побарани информации за активностите на здружението, тој добил необразложена одлука со која се одбива регистрацијата само цитирајќи неколку одредби од Законот. Негативната одлука била дополнително потврдена од бугарскиот Апелационен суд без конкретно образложение.
Па, тој се решил да реагира до Комитетот за човекови права на ОН, посочувајќи во жалбата дека неговото право на слобода на здружување е повредено бидејќи бугарските судски органи не успеале да обезбедат јасно, детално и сеопфатно образложение за одбивањето на регистрацијата на здружението што го претставувал.
Комитетот за човекови права на ОН заклучил дека судските одлуки во Бугарија немаат јасност и се претерано формалистички, истакнувајќи дека тамошните органи не ги разгледале дополнителните информации што ги донел подносителот на жалбата во поддршка на неговото барање во врска со активностите на непрофитното здружение за човекови права, ниту, пак, објасниле кои одредби од Законот се прекршени.
Затоа, Комитетот заклучил дека Бугарија не го оправдала одбивањето на барањето за регистрација на здружение, ниту покажала дека одбивањето било неопходно и пропорционално.
„Овој случај, исто така, ја илустрира клучната улога што ја игра судството во овозможувањето на остварувањето на правото на слобода на здружување. Заштитата на владеењето на правото е неразделна за демократското општество, а правата на Пактот би биле теоретски без цврсти судски гаранции и пристап до ефикасни правни лекови“, вели Ивон Дондерс, членка на Комитетот.
Комитетот за човекови права ја повика Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки со кои се одбива регистрацијата и да му обезбеди на подносителот на жалбата соодветна отштета, вклучително и надомест на таксите и другите правни трошоци што произлегуваат од прекршувањето.
Исто така, Комитетот бара од Бугарија да поднесе извештај во рок од 180 дена и детално да ги наведе мерките што ги презела за да ја поправи ситуацијата.
Фото: Унсплеш













