Поради Велигден денеска посебен сообраќаен режим во Скопје

По повод празникот „Воскресение Христово-Велигден” денеска Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР). 

Во периодот од 18:00 часот па до завршувањето на манифестацијата по повод верскиот и државен празник „Воскресение Христово-Велигден”, во центарот на град Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: булеварот „Партизански Одреди” од крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт” до крстосницата со булеварот „ВМРО”, булеварот „Св.Климент Охридски” од крстосницата со булеварот „Илинден” до крстосницата со улицата „Димитрие Чуповски” и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосницата со улицата „9-ти Мај” до кружна крстосница со улицата „Св. Кирил и Методиј”.

На возилата од јавниот градски сообраќај (автобусите) кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по булеварот „Илинден” и преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански Одреди”, додека автобусите кои што минуваат преку центар ќе се движат по улицата „М.Т.Гологанов” па преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански Одреди” и во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.

Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори улицата „Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“.

Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.

По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести