Во моментов во Македонија има 1.836.667 осигуреници, од кои 470.774 осигуреници или секој четврти (25%) се лица кои не остваруваат приходи, информираа од Фондот за здравствено осигурување.
Од таму додаваат дека тезите дека одредени категории граѓани се оставени без здравствена заштита не се точни.
„Воедно во моментот се работи на три реформи на здравственото осигурување.
Работна група на Фондот, Министерството за финансии, Министерството за здравство и УЈП, работи на критериумите за лицата кои не остваруваат приходи, каде е фокусот на две групи проблеми – осигурениците што непосредно останале без работа и осигурениците кои имаат непријавени приходи (сива економија, работа во странство).
Владата, Фондот и УНИЦЕФ ги анализираат потребите и можностите за независно здравствено осигурување на малолетни лица до 18 години.
И трето, во финална фаза е подготовката на ново законско решение од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со активно учество на Фондот за здравствено осигурување. Со ова законско решение ќе се опфатат лицата кои работат во флексибилни форми на ангажман,“ велат од таму.













