За најповолен понудувач на тендерот за за набавка на 150. електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење на електрични автобуси е избрана заедничката понуда на унгарската компанија “Електробус- Икарус” и на австриска “ЕВН”.
Како што информираа од Министерството за транспорт само оваа понуда ги исполнила сите услови, а на тендерот имало четири понуди.
Двете компании понудиле и најниска цена од 19 милиони 350 илјади денари или околу 314 илјади евра по автобус.
“Икарус” треба да ги достави електричните автобуси, а “ЕВН” станиците за полнење.
Електричните автобуси треба да бидат со најмалку максимална моќност од 300 kW, со капацитет од најмалку 66 патници и автоматски регулиран клима уред за ладење/греење.
Избраната компанија ќе има обврска да врши тековно одржување и поправката на сите настанати технички неисправности и да обезбеди резервни делови во следните 10 години од денот на стапување на возилата во употреба, а автобусите треба да бидат одобрени согласно Европската директива 2018/858.
Избраните компании треба 30 електрични автобуси и 15 станици за полнење да достават во рок не подолг од шест месеци од денот на склучување на договорот, 60 електрични автобуси и 30 станици за полнење во рок не подолг од дванаесет месеци од денот на склучување на договорот и 60 електрични автобуси и 30 станици за полнење во рок не подолг од осумнаесет месеци од денот на склучување на договорот.
Рокот за жалба е десет дена.













