Кој е фирмата Мастеф, која за 10 милиони евра ќе го гради Луна паркот во Скопје

За 621.007.264 денари или 10.097.679 евра друштвото за градежништво, трговија на големо и мало увоз-извоз, како што веќе пишуваше еМагазин, Мастеф ДООЕЛ Скопје ќе го гради Луна паркот во Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фирмата “Мастеф“ за 10 милиони евра ќе го гради Луна паркот во Скопје

Како што е познато новиот Луна парк ќе биде на местото на стариот во Градскиот парк, а тендерот беше распишан лани во декември.

Според најавите од Град Скопје тој треба да се протега на површина од 24.000 метри квадратни.

Што ќе има?

Главниот забавен дел на паркот треба да има два адреналински реквизита, шест семејни и 18 детски реквизити.

Во паркот треба да има и разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

Треба да опслужува околу 3.000 посетители дневно.

Во Луна паркот во отворениот дел треба да има и влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрација, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на школка.

Целиот простор во Луна паркот треба да биде партерно и хортикултурно уреден.

Која е Мастеф?

Фирмата Мастеф работи од април 1993 година.

Регистрирана е во скопската населба Козле, Општина Карпош.

Актуелен директор на компанијата е Спасе Танески.

Основач и сопственик е Вера Танеска.

Фирмата според податоци на Бирото за јавни набавки последниве години добила тендери во Општина Кисела Вода, за поставување на урбана опрема во дворовите на детските градинки и основните училишта во Општината и изградба на детски и спортски игралишта во населбата Драчево, селото Драчево, Пржино, населбата Градинар, Пинтија, Расадник…

Исто така и во Општината Аеродром, за реконструкција на јавни пешачки површини на територија на Општината, во Општината Неготино, за изградба на комунална инфраструктура, асфалтирање и пробивање на улици, како и за изработка и поставување на урбана опрема – настрешници и тезги.

Добила и тендери на Министерството за спорт, за набавка и поставување на спортска и урбана опрема при санација на маалски повеќенаменски игралишта, како и санација на игралишта со набавка и поставување на урбана опрема и пристапни рампи.

Како и во Општина Брвеница, за изградба на училишна спортска сала, а склучила и рамковна спогодба за поставување и реконструкција на урбана опрема, детски реквизити, спортски игралишта, звтобуски постојки, летниковци на територијата на Општина Брвеница.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Договор од 1,4 милион евра склучи Град Скопје со „Мастеф“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести