Еболата стигна во Европа: Како се пренесува и кои се симптомите

Еболата повторно е во фокусот на светската јавност откако на 16. мај Светската здравствена организација (СЗО) прогласи меѓународна вонредна здравствена состојба поради повторно појавување на оваа заразна болест во Конго и Уганда, Африка.

Болеста стигна и во Европа, откако во Конго се зарази американски лекар, кој сега се лекува во Берлин, Германија.

Исто така други шест лица со висок ризик се набљудуваат во Германија и Чешка.

Во Европа, вирусот кој ја предизвикува болеста може да стигне преку патници заразени во засегнатите подрачја. Врз основа на искуствата од епидемиите во Западна Африка меѓу 2013 и 2016 година, увезените случаи во Европа се очекуваат да бидат многу ретки.

Тековната епидемија со Еболата е предизвикана од вирусот Бундибугио, за кој во моментов не постои ниту лиценцирана вакцина, ниту специфичен третман.

Во претходните епидемии на ебола предизвикани од вирусот Бундибугио, околу 30 до 50% од пријавените пациенти починале од болеста.

За споредба, сојот Заир, кој предизвика најголема епидемија во Западна Африка, имаше стапка на смртност меѓу 50 и 90% без медицинска нега.

Што е Ебола

Еболата е заболување предизвикано од вирусот Ebola која припаѓа на фамилијата Filoviridae. До денес се откриени шест видoви на ебола вирус од кои четири вида предизвикуваат заболување кај човекот и тоа Заир, Судан, Бундибугио и Таи форест ебола вирус, додека другите два вида Рестон и Бомбали не предизвикуваат заболувања кај луѓето, објаснуваат од Институтот за јавно здравје.

Иако е ретка, болеста може да доведе до епидемии со висока стапка на смртност, која во просек е окoлу 50%.

Еболата е регистрирана во Централна и Западна Африка, близу тропските прашуми.

Од 1976 година до денес, во Африка се регистрирани повеќе од 40 епидемии на ебола. Најпогодени земји биле: Конго, Уганда, Гвинеа, Либериа, Сиера Леоне и Судан.

Најголемата епидемија била во Западна Африка (2014–2016), со повеќе од 28.000 случаи и над 11.000 смртни случаи. 

Во последните години повторно се регистрирани епидемии на ебола во Конго и Уганда, вклучително и големата епидемија во источен Конго во 2018 година, епидемијата во Касаи (Конго) во 2025 година и тековната епидемија во Конго и Уганда.

Извор на зараза

За природен резервоар на ебола вирусот се смета еден вид на овошни лилјаци, кај кои вирусот може да циркулира без да предизвика потешко заболување.

Како извор на зараза може покрај овошните лилјаци да бидат иприматит, антилопите, ежовите, и други диви животни.

Како се пренесува

Болеста може да се јави кај луѓето и другите примати. Вирусот се пренесува на луѓето од диви животни при лов, обработка на месо од заразени животни, контакт со нивната крв, ткива и органи при процесот на обработка на месото како и нивни излачевини.

Вирусот потоа се шири кај хуманата популација преку директен контакт со крвта, секретите, органите или другите телесни течности на заразените луѓе, како и индиректно преку контакт со површини и материјали (на пр. постелнина, облека) контаминирани со овие течности.

Преносот од животно на човек е многу редок. Повеќето случаи се јавуваат поради контакт со крв, секрети, ткива, органи или други телесни течности на живи или мртви заразени луѓе кога заразните секрети ќе дојдат во контакт со очите, устата, носот, отворени рани, на пример при нега на болен без заштита во домашни или болнички услови или при ритуални погреби на заболени лица. 

Преносот од човек на човек е главниот механизам и пат на пренос при појава на епидемиското ширење на болеста.

Важно е да се напомене дека болеста може да се пренесе и  преку незаштитен сексуален контакт со лица кои се опоравиле од болеста. Вирусот многу подолго опстојува кај мажите во семената течност (некогаш и до 15 месеци) за разлика од жените, вообичаено до 1 месец во вагиналниот секрет. Вирусот подолго време може да се задржи и во плацентата како и во мајчиното млеко.

Симптоми

Симптомите на болеста вообичаено се појавуваат во рок од 2 до 21 ден од инфекцијата, при што во почетната фаза – првите неколку дена од  болеста, се јавуваат  треска, општа малаксаност и слабост, болки во мускулите и зглобовите, главоболка, болки во грлото за подоцна во втората фаза да се јават анорексија, дијареја, болки во стомакот, повраќање, осип по телото, црвенило на очите, невролошки симптоми како конфузност, кашлица, болка во градите, отежнато дишење, нарушена функција на бубрезите и црниот дроб.

Може да се јават и надворешни и внатрешни крварења (крвава дијареја, крварење од носот, повраќање крв, внатрешно крварење и модринки)

Во крајната фаза на болеста, пациентите умираат порадикомбинација од инсуфициенција на повеќе органиски системи и хиповолемичен шок предизвикан од тешки загуби на крв.

Лицето заразено со ебола не може да ја шири болеста сè додека не развие симптоми.

Ризикот од инфекција се смета за низок доколку се следат мерките за превенција и контрола на инфекциите.

Терапија

Одобрена специфична терапија постои само за Заир Ебола вирусот -третман со моноклонални антитела mAb114 (ansuvimabTM) или REGN-EB3 (InmazebTM), додека за другите Ебола вируси терапијата е неспецифична и супортивна. 

Превенција

Две вакцини се одобрени за употреба во многу земји за заштита од Заирскиот ебола вирус, но нема достапни вакцини против другите Ебола вируси.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести