Во Кинотека, филмски омаж на Анте Поповски по повод 95 години од раѓањето

Од 3 до 6. јуни во соработка со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, во Кинотеката на ќе се одржи филмски омаж на академик Анте Поповски по повод 95 години од раѓањето на поетот.

Во таа пригода ќе бидат прикажани повеќе филмови во кои Анте Поповски е сценарист или продуцент, со што јавноста ќе се запознае со уште еден, делумно запоставен аспект на творечката личност на Анте Поповски – неговата дејност на полето на филмската уметност.

Куратор на програмата е филмологот советник во Кинотеката, Атанас Чупоски, кој на отворањето ќе има воведен збор, а извадоци од есеистичкото творештво на Анте Поповски ќе интерпретира актерката Софија Гогова Врчаковска.

Така, во среда на 3 јуни, на роденденот на поетот, во 19 часот ќе бидат проектирани првиот македонски кандидат за „Оскар“, документарниот филм „Дае“ од 1979 година на режисерот Столе Попов и играниот филм „Планината на гневот“ од 1968 година, на Љубиша Георгиевски, обата работени по сценарија на Анте Поповски.

Во четврток, на 4. јуни во 19 часот ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.

Во петок, на 5. јуни, во 20.30 часот во летното кино на Кинотеката, на отворено, ќе бидат прикажани долгометражните играни филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Анте Поповски се јавува како продуцент односно тогашен директор на продуцентската куќа „Вардар филм“.

Филмскиот омаж завршува во сабота, на 6. јуни во 19 часот, со поекција на портретите на венцоносците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Анте Поповски.

Промотивна објава

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести