Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство.
Беше роден во 1949 година во Скопје.
Дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата англиски јазик и литература.
Постдипломски студии по масовни комуникации и информирање завршил на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања и се стекнал звање магистер по политички науки.
Работеше во повеќе медиуми, меѓу кои и во новинската агенција Танјуг, каде во 1986 година беше дописник од Австралија и Јужниот Пацифик.
Како публицист и истражувач тој е и автор на голем број дела.
Треневски беше именуван за министер за информации во првата влада на Македонија.
Подоцна беше и министер за иселеништво.
Беше амбасадор на Македонија во Шведска, Норвешка, Финска, Естонија, генерален конзул во Торонто, Канада, и македонски амбасадор во НАТО. =
Треневски беше активен и во политичкиот живот како член и активист на ВМРО-ДПМНЕ од почетоците на партијата.
За својата работа како новинар, публицист и дипломат е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и највисоката новинарска награда во Македонија – „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 1983 година.
Погребот ќе биде утре, 27. мај, во 13:00 часот на Градските гробишта Бутел.
Фото: Треневски/Фејсбук














