Ниедна земја не треба по скратен пат да влезе во Европската унија (ЕУ), би било нефер кон земјите од Западен Балкан, кажа претседателот на Словачка, Петер Пелегрини на заедничка прес-конференција во Братислава со неговата македонска колешка Гордана Сиљановска Давкова, која денеска и утре е во посета на земјата.
Пелегрини порача дека проширувањето на ЕУ мора да биде фер, предвидлив и процес заснован на истите правила кои важат за сите кандидати, а повтори и дека Словачка ја поддржува европската перспектива на Македонија и тоа го прави како пријател, партнер и сојузник.
-Ставот на Словачка е јасен – стабилен и просперитетен и европски ориентиран Западен Балкан, бидејќи тоа е во стратешки интерес за целата Европа. Партнери сме коишто го поддржуваме европскиот пат на Северна Македонија и истовремено знаеме дека довербата во Европа се темели на правила и добрососедски односи.
Нашата амбиција не е да се решаваат чувствителните прашања од перспектива на судија, туку предлогот е да се почитува европската перспектива на регионот, притоа да се почитува и достоинството на сите вклучени страни“, рече тој.
Осврнувајќи се на Украина, која се форсира во процесот на проширување, кажа дека ниедна земја, без разлика во колку тешка состојба да се наоѓа, не смее да има предност и по скратен пат да влезе во Унијата, туку треба да го изоди патот на преговори и реформи.
-Затоа, земјите кои имаат право да станат членки на Европската унија, првенствено се земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. ЕУ има свои правила кои треба да се следат.
Во случај Украина да ги исполни овие услови и да го следи тој пат, Словачка секако ќе ја поддржи Украина во тој процес, но нема да поддржи никакви скратени патишта, ниту пак привилегии што ќе се понудат на одредени земји пред други, рече тој меѓу друго.
Сиљановска Давкова пак порача дека Македонија останува цврсто определена кон членството во ЕУ, но очекува да биде третирана рамноправно и да биде оценувана според Копенхашките критериуми, а не преку билатерални спорови и идентитетски прашања.
Таа оцени дека Македонија предолго се соочува со пречки што не се во согласност со европските принципи.
-Европа е наш природен дом – географски, историски и културно. Она што го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми и да добиеме можност да се фокусираме на реформите и владеењето на правото, наместо на билатерални прашања, рече таа и го поздрави словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања во процесот на проширување на ЕУ, оценувајќи дека почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштински дел од европската идеја.
Кажа и дека интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко, туку и безбедносно и стратешко прашање, особено во услови на глобални геополитички предизвици и растечки вооружени конфликти.
Фото: Кабинет на претседателката














